1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршија Струшките вечери на поезијата

БГ/СН/миа27 август 2012

Со доделување на Златниот венец и останатите награди, синоќа во Струга завршија 51. Струшки вечери на поезијата.

https://p.dw.com/p/15x8b
Фотографија: Milco Jovanoski

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата со врачување на Златниот венец на годинашниот лауреат Јужноафриканецот Монгани Вали Сероте и доделување на наградите „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Иселеничка грамота“ синоќа во Струга заврши 51. издание на Струшките вечери на поезијата.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2012 година му беше доделена на македонскиот поет Милош Линдро за делото „Основите на небото“. Признанието „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант му припадна на Французинот Франсоа Зарие Мегло, додека наградата за најдобар македонски поет во дијаспората - „Иселеничка грамота“ ја понесе Ивица Челиковиќ од Гетеборг, Шведска.

Mongani Vali Seroti Dichter Südafrika
Годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата Јужноафриканецот Монгани Вали СеротеФотографија: DW

Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг настапија и поети од разни страни на светот.

Учесниците на манифестацијата денеска и утре ќе имаат можност да прошетаат низ повеќе градови во државата, а со прогласување на Сероте за почесен член на Друштвото на писатели во Скопје, утре во Скопје ќе биде заокружено и ова фестивалско издание на СВП.

Сероте е 47-тиот добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Првпат му е доделен во 1966 година на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.

На 51. издание на Струшките вечери на поезијата, кое почна во четвртокот, а ќе трае до 28 овој месец, учествуваат 60-тина странски и исто толку домашни поети. Освен од Македонија, учествуваат истакнати поети од Азербејџан, Франција, Индија, Куба, Ирак, Сирија, Мароко...