1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршни зборови во процесот против Рамуш Харадинај

Александар Методијев/бета/миа25 јуни 2012

Пред Хашкиот трибунал денеска (25.06.) започнува изнесувањето на завршните зборови на повтореното судење против поранешниот командант на ОВК Рамуш Харадинај за злосторства врз Албанците, Ромите и Србите.

https://p.dw.com/p/15KnM
Фотографија: AP

Злосторствата за кои се обвинува Харадинај се направени во логорот на ОВК во селото Јабланица, кај Дечани, во пролетта и летото 1998-ма година. Харадинај во тоа време бил командант на ОВК во тоа подрачје. Завршните зборови судиите во Хашкиот трибунал ќе ги изнесуваат денеска и утре. Освен на Харадинај, им се суди и на неговите подредени Идриз Баљај и Љахи Брахимај.

Во текот на повтореното судење обвинителите пред судиите изнесоа 12 сведоци, а уште 44 изјави на сведоци се внесени во записникот во пишана форма. На крајот на првото судење за многу пошироко обвинение, Харадинај и Баљај беа ослободени од вината во 2008-та година, додека Брахимај беше осуден на шест години затвор.

Прифаќајќи ја жалбата на обвинителството на првостепената пресуда, апелациониот совет на трибуналот наложи на крајот од јули 2010-та година судењето да се повтори за шест од 37-те точки на првобитното обвинение, кои се ограничени на злосторствата во Јабланица.

Делумното повторување на судењето е наложено, бидејќи во првиот процес не биле сослушани двајца клучни сведоци, кои се поренешни припадници на ОВК, а одбиле да сведочат, бидејќи биле „вознемирувани“ и „заплашувани“. Едниот од нив одби да сведочи и на почетокот од повтореното судење, додека другиот заштитен сведок исказот го даде на крајот од процесот во целосна тајност.

По завршните зборови, судското тело до крајот на август или почетокот на септември треба да ја донесе конечната одлука за пресудата. Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, во очекување на конечната пресуда на неговото повторно судење, условно го ослободи Харадинај и тој на 10-ти мај пристигна на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина. За време на престојот во Приштина му беше ограничено движењето и забранета каква било политичка активност.