1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршува првата рунда преговори меѓу Атина и „тројката“

СН/АТ/миа5 август 2012

Претставниците на меѓународната „тројка“ кредитори денеска треба да си заминат од Атина по првата рунда преговори со грчката влада околу натамошните задачи за штедење.

https://p.dw.com/p/15kBf

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас денеска (05.08.12) ќе се сретне со претставниците на Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и Европската комисија, пред тие да си заминат од Атина. Претставниците на „тројката“ на 27 август ќе се вратат во Грција и до тогаш коалициската Влада ќе мора да го финализира пакетот мерки, со кои во наредните две години треба да се заштедат 11,5 милијарди евра.

Премиерот Андонис Самарас и министерот Стурнарас сметаат дека донесувањето на мерките е од витално значење за да се добие позитивен извештај од „тројката“ во септември, со кој потоа ќе се убедат партнерите од еврозоната да продолжат со имплементација на договорот за заем.

Griechenland Finanzminister Yannis Stournaras in Athen
Грчкиот министер за финансии Јанис СтурнарасФотографија: dapd

Самарас утре повторно ќе разговара со коалициските партнери Евангелос Венизелос и Фотис Кувелис за мерките, но и за приватизацијата која многу доцни. Венизелос и Кувелис во принцип се согласија за мерките, многу повеќе заради стабилноста на Владата, така што се очекува состаноците со Самарас да не поминуваат лесно и без несогласувања.

Неделното издание на „Катимерини“ дознава дека коалицијата нема да бара зголемување на старосната граница за пензионирање од 65 на 67 години, иако со тоа би се заштеделе една милијарда евра. Сепак се размислува тие што треба да се пензионираат оваа и следната година да се принудат да работат уште една година.

Владата исто така одлучила да не се намалуваат само пензиите што се над 1.400 евра, туку сите групи пензии да се намалат за пет до шест проценти. Според неименувани извори, оваа одлука е донесена затоа што намалувањето само на големите пензии нема да биде доволно за да се заштедат средства. Плафонот за комбинираните пензии моментално изнесува 3.690 евра и со неговото намалување на 2.500 евра ќе се заштедат само 25 милиони евра. Исто така постои загриженост дека ваквото намалување може да падне на суд.