1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Загадочна болест на Грците - хистерија Македонија“

ФАЦ/„Дер Шпигел“/ Зоран Јордановски1 октомври 2012

ФАЦ пишува за корените на спорот меѓу Македонија и Грција во форма на приказ на книгата „Граѓанската војна и политиката за историјата во југоистокот на Европа“.

https://p.dw.com/p/16IAX
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) и’ посветува внимание на книгата „Граѓанската војна и политиката за историјата во југоистокот на Европа“ од австрискиот историчар од грчко потекло Адамантиос Скордос, издадена годинава од книгоиздателството „Валштајн“ од Гетинген.

„Во 1991 година Грците од целиот свет беа зафатени од една загадочна болест: хистеријата Македонија. Со агресивност која е неразбирлива за оние од страна тие настојуваат на тоа дека Македонија (...) не смее да се вика Македонија. Оти, тоа име им припаѓало само на Грците, односно на истоимената провинција на северот на Грција“, се вели на почетокот на текстот. „За само неколку месеци дојде до целосна ’македонизација‘ на грчката јавност“, вели авторот на прилогот Михаел Мартенс, а потоа наведува примери за тоа: преименување на авиокомпании, аеродроми и пристаништа, употребата на ’ѕвездата од Вергина‘ (Кутлеш) како лого, демонстрации на стотици илјади луѓе во Солун и Атина. Со оглед на тоа дека Грција до денес го спречува приближувањето на Македонија кон НАТО и ЕУ, тој поставува прашање:„Како дојде до тоа една членка на ЕУ да води толку ирационална политика?“ и укажува на книгата на Александрос Скордос, со препорака: „Кој се интересира за грчката надворешна политика, треба да ја прочита. Кој ја прочитал, веројатно и натаму ќе ја смета позицијата на Атина во спорот за името за ирационална, но барем ќе сфати од каде доаѓа ирационалноста. Уверливо аргументираната теза на Скордос гласи, дека ’македонската хистерија‘ на Грците може да биде сфатена само во фонот на грчката граѓанска војна. (...) Повикувањето на Александар Велики од грчка страна во ’спорот за името‘, според Скордос, го свртува вниманието од јадрото на спорот. Имено, не е во прашање 330. година пред нашата ера, туку 1949. по Христос.

(...) Битен аспект на граѓанската војна, решавачкото учество на словенските (некои би рекле: македонските) борци на страната на грчките комунисти е прикажано искривено или воопшто не е прикажано. Вчудовидувачки е колку малку за тоа знаат многумина Грци. Со децении спроведуваната, селективна политика на сеќавање, не го промаши своето дејство. Скордос зборува за општествена фотографија на сеќавање, која е толку долго ретуширана, додека не стана национално конформна“.

Потоа во текстот се зборува дека на страната на комунистите се бореле 26 илјади „славофони Грци, односно македонски Словени или словенски Македонци, во зависност од аголот на гледање“ од вкупно 150 илјади „славофони“, за колку што станува збор во еден „извештај на грчкото министерство за надворешни работи од 1965. година“. Грчките комунисти (КПГ, н.з.) „му ветиле на ’македонскиот народ‘ во северна Грција, во случај на победа, ’национална реконструкција‘ , дури и ’конституирање на Македонија како обединета, независна и рамноправна република во рамките на една народнодемократска федерација на балканските народи‘. Од десничарите, но и од многумина комунисти, тоа било сфатено како готовност на КПГ ’на Словените‘ да им отстапи грчка територија. Со години на КПГ тоа и’ се припишуваше како ’национално предавство‘.“

Во текстот потоа се наведени неколку примери дека „од Грците во првата Балканска војна 1912. година изборениот дел од историскиот регион Македонија“ навистина бил загрозен со барања на Тито за обединување на Македонците во 1945. и 1946. година.

„Но, грчката левица беше поразена во граѓанската војна, а победникот своето гледање на тие настани го издигна на ниво на државна политика на сеќавање“. На разни начини се влијаело за „зацврстување на антисловенска свест кај населението. (...) Кој има пред очи дека денес меродавната генерација на грчки политичари, како премиерот Самарас, беше социјализирана во тоа време, помалку ќе се чуди поради политиката на Атина спрема Македонија“, се вели на крајот од текстот објавен денеска (01.10.2012) во ФАЦ.

Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

Спасување на Грција по секоја цена

„Нема крај на импровизирањето во Атина, Европа е решена да ја спаси земјата, ако е потребно и без план“ се констатира во прилогот со наслов „И натаму како досега“, посветен на грчката финансиска криза, што го објавува магазинот „Дер Шпигел“ .

„ЕУ, се чини, е решена да продолжи со својата стратегија. Пол Томсен (од Меѓународниот монетарен фонд, н.з.) и неговите колеги од Комисијата на ЕУ и од Европската централна банка, Матијас Морс и Клаус Мазух, поради тоа имаат не само тешка, туку и речиси безизгледна мисија. Тие мораат да состават извештај, кој на доверителите ќе им овозможи да ја исплатат наредната транша од 31,5 милијарди евра, за со тоа речиси банкротираната земја да ја држат и натаму во еврозоната. Така сака политиката“.

„Светиот сојуз“

„Православната црква истрајува на задржување на привилегиите и со тоа ја заострува кризата на Грција“ е заклучокот извлечен во поднасловот на прилогот на „Дер Шпигел“ за улогата на Црквата во кризата и воопшто во грчкото општество.

„Со години многумина Грци се лутат дека моќната Православна црква до 2010. речиси и не плаќаше никаков данок, добиваше субвенции од ЕУ во забележителен износ и беше алиментирана од грчката држава. Во тоа спаѓаат платите за поповите и владиците, што даночните обврзници ги чинеше околу 230 милиони евра годишно. Дури од пред неколку месеци владата се обидува да ги намали тие трошоци.

Не се целосно укинати ни даночните привилегии на Православната црква. Од 2010. таа плаќа данок на приход за обработуваното земјиште. Дотогаш Црквата можеше да прави неоданочени добивки од искористувањето на нејзиниот огромен недвижен имот.

Црквата е наводно втор најголем земјопоседник во Грција. (...) Експерти проценуваат дека нејзе и’ припаѓаат преку 130 илјади хектари шуми и ораници, плус недвижности во сите големи грчки градови“.

Во прилгот е цитиран парламентарецот Григориос Псарианос, дека проблем е што црквата не е одделена од државата: „Во ниедна друга европска земја двете не се толку меѓусебно поврзани. Многумина политичари се зависни од благословот на клерот, многумина свештеници се мешаат во политиката“.