1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загриженост за финансискиот систем на Словенија

Ф. Хофман/ С.Недевски9 декември 2013

Со товарот на речиси пропаднатиот банкарски систем на плеќи, Љубљана деновиве балансира на тенка жица. Во Брисел меѓутоа стравуваат дека падот во прегратките на европските спасувачки механизми е можеби неизбежен.

https://p.dw.com/p/1AQiw
Фотографија: Jure Makovec/AFP/Getty Images

Премиерката на Словенија Аленка Братушек со месеци наназад повторува: нејзината мала земја-членка на ЕУ може да излезе на крај без помош од чадорот за спас на еврото. Последен пат го стори тоа на самитот на ЕУ во октомври.

Меѓутоа гувернерот на Централната банка на Словенија Боштјан Јазбец е многу загрижен. Во очекување на резултатот од стрес-тестот на словенечките банки, веќе сега е извесно дека финансиските институции во Словенија „седат“ врз „дубиозни“ кредити во висина од повеќе од седум милијарди евра. Еден дел од нив во моментов се префрлува на т.н „лоша банка“. Можно е да испадне уште повеќе.

„Најголем дел од капиталот дојде во Словенија преку банкарскиот систем. И во време кога финансиската криза еруптираше, банките сносеа најголеми ризици. За жал, ние не се занимававме со решавање на финансиската криза во тоа време, во кое тоа го правеа сите други земји во Европа и во светот“ , истакнува гувернерот Јазбец.

Slowenien Regierung Alenka Bratusek
Премиерката на Словенија Аленка БратушекФотографија: Reuters

До денес дури три големи банки делумно се во државна сопственост. Тие финансираа недвижности, кои сега зјаат празни. Кредити од банките добиваа и непрофитабилни државни претпријатија - за да избегнат стечај или продажба.

„Сметам дека најопасна работа во овој момент во Словенија е што не се прави ништо во реалниот сектор на економијата, а неопходно е нова регулатива за стечај и за централизација на управувањето со државните претпријатија“, предупредува гувернерот на Централната банка на Словенија.

Од актуелната ситуација особено се погодени многу средни претпријатија, кои речиси и не добиваат кредити од банките.

Во Брисел, Европската комисија предупредува дека земјата треба брзо да го поправи својот финансиски систем. Тоа е основа за економско заздравување. Меѓутоа, не изгледа дека Словенија сериозно го сфаќа тоа предупредување.