1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загубарите во ќорсокак

Костадин Делимитов9 јуни 2012

Судбината на загубарите останува неизвесна. За Охис, ЕМО, Тутунски комбинат Прилеп и Еурокомпозит, пред секој распишан тендер се најавува дека постои интерес, но работите тука завршуваат.

https://p.dw.com/p/15BD8
Има ли излез од ќорсокакот?Фотографија: BilderBox

Дводеценискиот период на транзиција не донесе решение за овие фабрики кои произведоа стотици работници технолошки вишок и милионски загуби што се покриваат од буџетски пари. Работниците се незадоволни, Владата, како и сите претходни, демонстрира оптимизам дека има решение за актуелната ќорсокак-состојба.

По седум безуспешни обиди за да се најде купувач за Охис деновиве ќе се објави уште еден оглас за продажба. Владата размислува за нови порелаксирачки услови за инвеститорите: „Од контактите со инвеститорите и консултантите како главен проблем е бројот на вработени, но не долгорочно. Сите инвеститори генерално се подготвени да вработат 400 до 500 луѓе во првата година и дополнителен број во втората година, условно кажано. Ова досега не беше прифатливо за вработените, но сега успеавме да најдеме заеднички јазик. Не размислуваме за продажба во четири очи и очекувам дека со овој модел може да успееме“, изјави за Дојче Веле министерот за економија Ваљон Сараќини.

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien
Владата демонстрира оптимизамФотографија: DW

За синдикатот на Охис е неприфатливо да има дополнителни отпуштања на работници: „Во моментов Охис се продава со 805 вработени. Ние како синдикат не прифаќаме насилно отпуштање, освен ако дел од вработените доброволно се пријават да си одат под одредени бенефицирани услови“, предупреди Пеце Ристевски од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство.

Слична е состојбата и со останатите три загубари кои, за разлика од Охис кој запре со производство, некако функционираат. Според Сараќини, во моментов се готови акционите планови за Еурокомпозит и Тутунски комбинат и се чека рок од Владата за распишување на тендери за овие две фабрики: „Ситуацијата со нив е малку поинаква од онаа со Охис. Очекувам до крајот на летото да го објавиме тендерот за продажба. За ЕМО Охрид разговаравме за преструктуирање во три друштва. Првото би било производство, второто проект и надзор на енергетските објекти и трето - монтажа и сервисирање“, вели Сараќини.

20884915
Загубите изнесуваат милиони евраФотографија: Fotolia/Margit Power

Во ЕМО, според него, веќе се работи на план за динамика, во Тутунски е добра состојбата во однос на платите, а за Охис било договорено со претставниците на синдикатот да се исплати една плата по ребалансот на буџетот. Инаку, само лани, Охис, Тутунски и ЕМО наталожија загуби во износ од 37 милиони евра, од кои 20,5 се од прилепскиот комбинат, а 13,7 од Охис. Државата во меѓувреме ги претвори долговите на загубарите во траен влог, но само сопствените побарувања, а не и оние на вработените и останатите доверители.