1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задршки во ЕУ против задолжителни цели кај заштитата на климата

Бернд Ригерт5 март 2007

Германскиот канцелар Ангела Меркел сака да оствари пробив по ова прашање. Министрите за надворешни работи на ЕУ во сенка на еден практикант.

https://p.dw.com/p/Abyn
Шведската принцеза во Брисел
Шведската принцеза во БриселФотографија: AP

Министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ денеска се занимаваат со важни теми како утврдување на сопствени стандарди во врска со климата, потоа спорниот американски антиракетен одбранбен систем и неговото разместување и во земји на Унијата од источна Европа, потоа ситуацијата на Блискиот исток и на Балканот.

Но, барем на почетокот, тие се најдоа во втор план, во сенка на еден учесник на средбата, кој е всушност само практикант: сето внимание пред почетокот на министерската средба и’ беше посветено на принцезата Викторија, кон неа беа насочени камерите и интересирањето на репортерите. 29-годишната крунска принцеза од Шведска го придружува министерот на својата земја, за неа ова претставува практикум. Некои од министрите и не ја препознаа веднаш и дури откако се распрашаа која е, дотолку подлабоко и’ се поклонија.

Претседавачот со Советот на министрите, шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер прво ја поздрави практикантката, а потоа предупреди од преголеми очекувања во врска со целите на Унијата за заштита на климата: “Ако барате прогноза, тогаш денеска ќе ги доближиме ставовите во многу точки. Но, по претходните разговори, прилично сум сигурен дека за прашањето за 20 проценти како цел ќе мора да се преговара на Европскиот совет и в четврток и петок”.

Значи, шефовите на држави или на влади на самитот кон крајот на неделава ќе треба да утврдат самообврзување на Европа до 2020-та година 20 проценти од потрошувачката на енергија да ги задоволува од обновливи извори и да редуцира најмалку 20 проценти од своите емисии на јаглен-диоксид. Некои земји-членки се против задолжителни цели. Германскиот канцелар Ангела Меркел сака да оствари пробив по ова прашање.

Министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн искажа невообичаено остра критика на планираниот американски стратегиски антиракетен штит, чии елементи треба да бидат стационирани и во Полска и Чешка, што би требало да ја штитат Америка од севернокорејски и ирански интерконтинентални ракети: “За мене е неразбирливо дека сега, откако по падот на ѕидот се обидовме да го намалуваме вооружувањето, сега повторно почнуваме наголемување. Ако се помисли колку пари ни се потребни за да се бориме против глад во светот, и дека со цената на една единствена ракета можеме да ја елиминираме сидата во Африка, тогаш меѓународната заедница би требало поточно да размисли во која насока оди”.

Аселборн ги повика Полска и Чешка да ги одбијат американските планови за стационирање ракети. Штајнмаер, пак, укажа дека НАТО, чиј член е и Луксембург, е погоден форум за да се разговара за противракетната одбрана. Таму досега беше одбивано учество во американски планови што нема да ја штитат и Европа.

Во врска со Блискиот исток, речено е дека дури кога ќе се формира нова палестинска влада на национално единство, ќе може да се разговара за замрзнатата европска финансиска помош. Остануваат и европските барања палестинската влада да го признае правото на Израел на егзистенција и досегашните резултати на мировниот процес.