1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничка средба на Нимиц со преговарачите за името

ЕМФ/макфакс/миа25 октомври 2013

Посредникот на Обединетите нации во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, денеска (25.10) ќе одржи заедничка средба со преговарачите на двете земји, на која ќе бидат разгледани позициите на двете земји.

https://p.dw.com/p/1A5uG
Фотографија: MIA

Метју Нимиц вчера имаше одвоени средби со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. Септемвриските посети на Нимиц на регионот не резултираа со придвижување на процесот за решавање на овој спор, бидејќи како што тогаш потенцираше медијаторот, „сѐ уште има суштински разлики во позициите на двете страни". Процесот не доби на динамика ниту на Генералното собрание на ОН во Њујорк кон крајот на минатиот месец.

Додека македонската страна во последниот период постојано ја повикува грчката страна на конструктивност и волја за разговори и продолжување на процесот, од Атина одговорот беше дека Грција цврсто останува на своите позиции во овој спор, а тоа е дека решението мора да биде име со географска одредница и за севкупна потреба.

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун се надева дека разговорите меѓу Македонија и Грција кои се водат во Њујорк, ќе вродат со плод и ќе се отворат пат за решавање на спорот, изјави Мартин Несирки, портпаролот на генералниот секретар.

„Решението на спорот за името е во интерес на двете земји и Западниот Балкан во целина. Генералниот секретар искрено се надева дека овие разговори ќе отворат пат да се најде заемно прифатливо решение. Знаете дека разговорите се во тек и верувам дека и амбасадорот Нимиц ќе се обрати за тоа прашање“, изјави Несирки на вчерашната прес-конференција во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.