1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заеднички историски учебници - реалност или утопија

21 февруари 2012

Бугарските европратеници во предложената резолуцијата за напредокот на Македонија вметнаа измена, со која се поттикнува воспоставувување на заеднички експертски комисии за изучување на историјата со Бугарија и со Грција.

https://p.dw.com/p/146LN
Фотографија: henryart/Fotolia

Европскиот парламент во резолуцијата за напредокот на Македонија во 2011 година, го охрабрува создавањето заеднички експертски комисии за историја и образование со Бугарија и со Грција, со цел да се придонесе кон објективно и фактичко толкување на историјата.

Андреј Ковачев еден од предлагачите на амандманот, вели дека Бугарија прва ја признала независноста на Македонија и дека таа нема проблеми ниту со нејзината независност, ниту со граѓаните на Македонија.

„Но, има проблем со интерпретацијата, односно манипулацијата на историјата“, смета Ковачев.

Не е лесно да се зборува заедно за историјата на Балканот

За тоа, што мислат европратениците за заедничкото изучување на историјата, предложена од нивните бугарски колеги запрашавме неколкумина од нив.

Словачкиот европратеник Едуар Кукан вели дека измената е резултат на компромис. „Јас знам дека тоа по малку е утопија. Според мене тоа е нереално и е многу тешко да се создаде таква комисија и заеднички да се изучува историјата, тоа е многу, многу, тешко“.

EU-Parlament / Europaparlament / Straßburg / Plenarsaal
Европскиот парламентФотографија: dapd

Грчката европратеничка Мариа Елени Копа признава дека е тешко да се зборува за историјата на Балканот и на балканските земји заеднички.

„Тоа е вистина, бидејќи постои различно раскажување. Долго време јас работев врз прашањето на идентитетот. Тоа е нешто многу сложено, посебно кога се зборува за еден регион како Балканот, во кој двајца браќа од исто семејство се идентификуваат различно. Без да одиме до тоа што нашите бугарски колеги го бараат, ние сепак го разбираме проблемот, бидејќи исто така и ние сме погодени“.

Историјата секогаш предизвикува поделби на Балканот

Германскиот европратеник Бернд Поселт смета дека тоа е нешто специјално. „Тоа е специјален поглед на некои од нашите бугарски колеги, но тоа не треба да биде работа на парламентот“.

Bulgarien EU Europaparlament Kristian Vigenin
Бугарскиот европратеник Кристијан ВигенинФотографија: vigenin.eu

Бугарскиот европратеник и лански времен известувач за Македонија, Кристијан Вигенин констатира: „Едно од нештата кои од секогаш го разделувало нашиот регион и воделе до влошување на односите, па дури и до војни, тоа е историјата и начинот на кој секоја земја од регионот ја интерпретира. Јас мислам дека историјата треба да се предава одделно“.

Европски начин на решавање на овие прашања

Словенечкиот европратеник Јелко Кацин од негова страна вели: „Во билатералните односи секогаш е добро да се создаваат историски комисии, бидејќи на тој начин се испразнува емотивниот набој. По што се можни не само чекори, туку и скокови нанапред“.

Jelko Kacin
Словенечкиот европратеник Јелко КацинФотографија: by-nc-sa/ALDEADLE

На истата тема во Стразбур му поставивме прашање и на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, кој одговори мошне дипломатски: „Мислам дека треба да ги третираме европските прашања на европски начин и само со еден таков пристап можеме и во нашиот регион да генерираме позитивна клима, која ќе не насочува повеќе кон придобивките од таа интеграција и да избегнуваме самите да создаваме препреки на тој пат“.

Веќе има обиди за заеднички учебници по историја на Балканот

Сепак, да се зборува за историјата не е лесно. Потврдата ја најдовме во читанката бр.2 Нациите и државите во Југоисточна Европа, од меѓународниот проект: Наставата по модерна историја на Југоисточна Европа – алтернативни наставни материјали, издадена во Скопје на македонски јазик во 2007 година, а во 2005 на англиски и на уште неколку други јазици од регионот.

Во првото издание на читанката бр.2, во поглавјето посветено на Националните идеологии – самоопределување, е помесетено писмото „Да се биде Бугарин“ на Јордан Хаџиконстантинов Џинот до уредниците на весникот „Цариградски весник“. 

Во македонското издание на читанката, на местото на писмото на Џинот стои песната „Јас сум Бугарче“ на поетот Иван Вазов. Ова е разбирливо ако се знае дека тука се допираат основите на македонскиот идентитет.

Logo Deutsch-Französisches Jugendwerk DFJW
Германската и француската младина се заложија за историски учебникФотографија: ofaj

Германско-францускиот пример е успешен

Успешен пример на билатерален договор за изучување на историјата се германско-францускиот учебници за историја за учениците од средните училишта, изработени од осум професори од двете земји. Но, само откако 500 средношколци од Германија и Франција на Младинскиот парламент на 21 јануари 2003, во рамките на комеморацијата на четириесетиот роденден на Елисејскиот договор, посакаа самите создавање на еден „учебник по историја со иста содржина за двете земји со цел да се намалат предрасудите предизивикани од меѓусебното непознавање“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска