1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничко српско-косовско управување со премините

Марина Максимовиќ / Елизабета М. Фиданоска25 септември 2012

Европската унија денеска (25.09.) ќе добие писмо со кое Србија го потврдува техничкиот протокол за заедничко управување со премините на Косово, како и подготвеност за примена на протокол.

https://p.dw.com/p/16Dc7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поздравувајќи го вчерашното потпишување на протоколот за управување со премините (ИБМ) како знак на подготвеност на новата српска влада да се врати кон дијалог со Приштина заради нормализација на меѓусебните односи, еврокомесарот за проширување Штефан Филе, според зборовите на Белград, всушност го најави она што ќе се случува денеска. Новиот шеф на преговарачкиот тим на Белград во техничкиот дијалог со Приштина, Дејан Павиќевиќ, денеска треба на Брисел да му предаде писмо со коешто се потврдува дека Србија ги прифаќа обврските што произлегуваат од техничкиот протокол, потпишан на 24 февруари годинава, за заедничка контрола на граничните, односно административните премини меѓу Србија и Косово.

„Писмото е потпишано и дојде до размена на писма со ЕУ, а не со Приштина и немаше директно потпишување на самиот протокол. Владата на Република Србија нема намера да води каков било нетранспарентен или таен процес. Се‘ што е договорено досега ние ќе го објавиме и ќе продолжиме со информирање на јавноста“, изјави Павиќевиќ по доаѓањето во Брисел.

Новиот преговарач на Белград потсетува дека стратегијата на новата српска влада е да ја исполни меѓународната обврска и да ги примени сите досега постигнати договори во дијалогот со Приштина и да го продолжи дијалогот на повисоко политичко ниво. Кога станува збор конкретно за заедничко управување со премините, Павиќевиќ вели дека со оваа размена на писма се влегува во долг процес на техничка имплементација: „Нема утре да се појават нови цариници, ниту гранични премини, ниту што било. Влегуваме во процес на разговори како натаму и тоа ќе трае извесно време“.

Serbien Dejan Pavicevic Verhandlungen Kosovo
Шефот на преговарачкиот тим на Белград, Дејан ПавиќевиќФотографија: DW

Белградската страна ќе се обиде во текот на техничките преговори на имплементационите групи да дојде до подобрување на решенијата за оние работи кои за Србија „се многу неповолни“, како присуството на косовски цариници, особено на премините Јариње и Брњак. Целта на Белград е точно да се дефинира улогата на Еулекс на премините, како и цариниците на европската мисија да имаат извршна улога на премините на север на Косово, а косовските цариници да бидат евентуално само присутни.