1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Заедно под едно сонце“

31 август 2011

Под тоа мото, на 8 септември ќе се одржи прославата по повод 20-годишнината од прогласување на независноста на Република Македонија. Во употреба ќе се пуштаат фонтаната на плоштадот во Скопје и новата аеродромска зграда.

https://p.dw.com/p/12QLm
Централен настан на прославата ќе биде отворањето на фонтаната под споменикот на „воинот на коњ“ на плоштадот во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Одбележувањето на 20-годишнината од прогласувањето на самостојноста на македонската држава ќе се одржи под мотото „Заедно под едно сонце“, а месецот ќе биде прогласен за Денови на независноста, соопштија денеска властите во Скопје. За првпат во историјата на независна Македонија ќе се одржи дефиле на гардата, и на сите армиски единици и полицијата. Декларацијата за независност донесена од парламентот во 1991 година, претседателот Ѓорге Иванов ќе ја постави во новиот Музеј на македонската независност и борба.

На скопскиот плоштад ќе биде поставена досега најголемата бина, на која ќе се одржи музичко-сценски спектакл под наслов Македониум, со учество на најмалку 150 музичари, 50-ина актери и 10-ина ансамбли.

Во пресрет на најавениот говор на премиерот Никола Груевски на прославата на скопскиот плоштад, ќе биде пуштена во употреба фонтаната под споменикот на „воинот на коњ“, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Во деновите на прославата ќе биде отворена и новата аеродромска зграда чиј инвеститор е турската компанија ТАВ, и во чија аула ќе биде поставен споменик на Александар Велики, подарок на турските партнери.

На прославата на 8 септември не е најавено присуство на странски државници.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска