1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закана од дефлација во Шпанија

Рут Краузе / Александар Методијев4 февруари 2014

Цените во Шпанија се во опаѓање, што во прв момент звучи добро. Но, ако нивото на цените и натаму оди надолу, тогаш уште помалку ќе се купува, платите уште повеќе ќе се намалуваат, а економијата ќе стагнира.

https://p.dw.com/p/1AzOH
Фотографија: dapd

Свежо исцедениот сок од портокали е секојдневие за Валдемар Гио, бидејќи тој работи во киоск за храна во Мадрид. Но, сокот за него е и симбол на шпанската криза, бидејќи тој е премногу евтин.

„На ова мени се’ чини само едно евро. Вино, пиво, кафе - се’ за едно евро. Цената на сите работи се намалува“, вели Валдемар Гио.

Намалените цени треба да привлечат повеќе муштерии. Но, поради тоа страдаат Валдемар Гио и неговите колеги: тие сега заработуваат многу помалку.

„Мене ми ја скратија платата за 40 проценти. Мораме да издржиме. Се откажав од купување месо. Облека купувам од втора рака, користена облека. Тешко е“, објаснува Гио.

Потрошувачите се радуваат кога цените паѓаат. Но, луѓе како Валдемар Гио, кои заработуваат помалку, помалку и купуваат. Така стоката останува во продавниците, па цените мора повторно да се намалат, што пак ги повлекува и платите надолу. Тоа е маѓепсан круг, наречен дефлација. Зголемување на цените за околу 2 процента се смета за здрава работа, но во моментов во Шпанија тоа изнесува 0,3 проценти - премалку, сметаат експертите.

Spanien Wirtschaft Börse in Madrid
Шпанија влегува во маѓепсаниот круг на дефлацијаФотографија: dapd

„Растат цените на струјата и даноците. Ако се изземат овие ставки, Шпанија речиси се наоѓа во дефлација. Не е толку лошо како во Грција и други земји, но мислам дека ефектите од ова токму почнуваат да доаѓаат до израз“, вели професорот по економија Карлос Диес.

Ефектите од оваа дефлациона тенденција Валдемар Гио ги чувствува секојдневно - на работа и дома. Платата му е намалена на 1.200 евра, а за куќата мора да плаќа месечни долгови од 1.000 евра.

„Најлошо е што не можам да ја плаќам хипотеката за мојата куќа. Предност и’ давам на исхраната. Имам четири деца. Што да правам - да има храна или да го плаќам долгот кај банката? Храната е на прво место, а се надевам дека во наредниве две или три години нема да ме исфрлат од куќата“, вели работникот во киоскот за храна.

За луѓето во Шпанија дефлација на долг рок би била катастрофа. Валдемар Гио со задоволство би плаќал покачени цени, но само ако му расте и платата.