1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заканите од Атина ги исплашија германските весници

Борис Георгиевски/фтд/тц/шпигл9 мај 2012

Повеќе инвестиции, помалку штедење. Печатот во Германија бара нов курс кон Атина и другите загрозени земји од еврозоната, по резултатите од грчките избори. „Дер Шпигл“ предупредува од враќање на диктатурата.

https://p.dw.com/p/14sEE

Заканите од радикалните грчки партии дека ќе ја запрат исплатата на долговите кон меѓународните кредитори и ќе се откажат од имплементацијата на реформскиот пакет, како да ја „сврте плочата“ во германските медиуми, кои претходно не гледаа алтернатива на мерките за штедење кои и’ беа наметнати на Грција.

„Запрете го штедниот диктат кон Грција пред да биде предоцна!“ Ваков драматичен повик кон европските и германските политичари упатува Фајнаншл тајмс Дојчланд во редакцискиот коментар.

„Европа мора да сфати дека нејзината стриктна штедна политика во Грција нема иднина. Земјата може да се спаси само со нова стратегија за економски раст. Во спротивно, ризикот е дека Грција ќе мора да ја напушти ЕУ, а притоа ќе се отворат и огромни опасности за останатите земји од југот на Европа, за финансиските пазари и за самото евро“, заклучува Фајнаншл тајмс Дојчланд.

Потребна е промена на курсот кон Грција, продолжува во истиот стил и Тагесцајтунг.

„Доколку европските политичари сакаат стабилни пазари, тогаш ќе мора да ги попуштат мерките за штедење и наместо тоа да ги поддржат економиите на земјите во криза. Економското зајакнување на Грција и на цела Европа е можно само со еден нов курс“. Во Тагесцајтунг се исплашени од најавата на радикалната левица - Сириза дека ќе ги откаже сите договори со ЕУ и меѓународните кредитори.

Griechenland Wahlen Alexis Tsipras
Алексис Ципрас, лидер на СиризаФотографија: Reuters

„Доколку долгот не се плаќа, тоа води кон државен банкрот. Ваквиот развој ги плаши инвеститорите и шпекулантите. Грција потоа ќе мора да ја напушти еврозоната, а веројатно ќе следат и Шпанија и Португалија. Дали тоа нема да претставува крај за монетарната унија?“, прашува Тагесцајтунг.

Останатите медиуми ја анализираат новонастаната политичка состојба во Грција.

Ханделсблат пишува за одбивањето на Сириза да ги признае договорите со ЕУ околу штедниот пакет. „Радикалната левица не сака да ги враќа долговите“, гласи насловот. Како одговор на ваквата политика, Ханделсблат го пренесува ставот на економскиот експерт од редовите на германската владејачка ЦДУ, Клаус Петер Вилш. „На Грција треба да и’ понудиме контролиран излез од еврозоната, без да ја напушта Европската Унија“, предлага Вилш.

Опасност од нова диктатура во Грција

„Ди Пресе“ јавува за хаосот во обидите да се формира новата грчка влада.

„Не минаа ни два дена од изборите, а земјата е веќе во хаос. Конзервативната Нова Демократија веќе тактизира со нови избори, надевајќи се на подобар резултат“.

Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Дер Шпигл предупредува од тешки последици за ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Во „Дер Шпигл“ читаме за можните последици од ваквата грчка политика.

„Дали презадолжената Грција воопшто функционира? Се уште нема влада, а времето си врви. Германските политичари се закануваат со крај на солидарноста. Тројката, која треба да ја одобри следната транша од финансискиот пакет вреден милијарди евра, веќе ја откажа посетата на Атина“.

Во одделна анализа, „Дер Шпигл“ заклучува дека Грција е денес на истото место каде што беше Вајмарската република во 1930 година. Тоа го покажува влезот на неонацистите и на другите радикални партии во парламентот.

„Она што за Грција е денес еврото, тоа за Вајмарската република беше цврстата врзаност на рајхсмарката со златото... Затоа излезот од еврозоната или од ЕУ не е најлошата варијанта. Најлошото сценарио во случајот со Грција е доколку земјата западне во диктатура, а веројатноста на ваквото сценарио расте паралелно со порастот на политичката нестабилност“, заклучува „Дер Шпигл“.