1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заклучоците од Европа за Македонија ќе бидат позитивни

Силвера Падори17 септември 2008

Интервју - Владимир Глигоров, професор на Универзитетот за меѓународна економија во Виена: компромис може да се најде доколку разговорите за името меѓу Македонија и Грција се сконцентрираат таму каде треба.

https://p.dw.com/p/FJH8
Професор Владимир Глигоров е оптимистФотографија: Institut für Internationale Wirtschaftsvergleiche Wien

Еден од клучните моменти од кои зависи идната покана за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија е прашањето со името. Дали може Европската унија изолирано да следи што се случува на нејзина територија, во нејзиниот скут. Може ли нешто да направи околу името?

Глигоров: Па сигурнио дека може, меѓутоа ситуацијата е таква што ЕУ нема непосредни ингеренции кога е во прашање надворешната политика. Тоа е сепак работа на земјите членки. Тука има две можности. Членките на ЕУ да заземат поинаков став од Грција, да тргнат да ја признаваат Макледонија со уставното име или во ЕУ да се најде некој компромис кога станува збор за натамошното приближување на Македонија до Унијата, а прашањето со името да остане да се дискутира меѓу Грција и Македонија.Можно е и она што јас мислам и дека ќе се случи: ЕУ да не сака да се конфронтира со Грција и може да ја види својата улога да помага во тие разговори и во барање на компромис . Мислам дека ЕУ нема да биде во сотојба, сигурно не во овој момент да направи некој специјален чекор напред во тоа прашање. Дали Грција ќе реши на пример тие преговори да може да започнат, а членството да не е можно се‘ додека не се реши тоа прашање, или некоја слична формулација, не знам. Но мислам дека ова сево зависи во најголема мера од внатрешната политика во Грција.

Како гледате Вие кон проблемот со името. Ќе се реши набрзо или ќе биде долго време товар и пречка на патот на Македонија?

Глигоров: Компромис може лесно да се најде. Се работи за тоа од една страна Грција да не се меша во тоа кое е името на нацијата, народот. Од друга страна, Македонија да најде начин поспецифично да се дефинира територијата, земјата. Без оглед што некој може да мисли во моментов, сметам дека тоа е копмпромис, кој е блиску. Проблемот е во внатрешно - политичките односи во Македонија и посебно во Грција, бидејќи сега моментално во Грција многу повеќе се расправа не за тој територијален аспект, туку дали постојат Македоници, кој има право на тоа име, како етничко и национално. Ако се тргне по тој пат , тогаш нема да има решение, зашто Македонците нормално нема да се откажат од тоа име. Ќе има успех ако работата се сконцентира онаму каде треба - на дефинирањето на државата во меѓународните комуникации и тука се бара решение. Понекогаш тој грчки став е врзан за идентитетот на народот и мислам дека тогаш тоа прашање нема решение. Да се реши проблемот, тоа значи дека треба да постои поддршка во јавноста на тие земји. А, тоа не се прави, туку се прави спротивното, од политички причини, и во Грција и во Македонија и така се заоструваат тие прашања.

Можна ли е некаква поинаква разврска?

Тоа може да се реши и само по себе ако две третини од државите во светот ја признаат Македонија со нејзиното уставно име, тогаш практично од меѓународна гледна точка, тоа е симнато од дневен ред. Но нема да биде симнато од дневен ред кога е присутно во НАТО и ЕУ. Решение ќе се најде помеѓу сите тие варијанти, посебно кога се имаат во вид интересите и на Грција и Македонија и на Европската унија.

Што конкретно значи за Македонија меѓународното правно признавање под нејзиното уставно име? Колку земји треба така да ја признаат?

Глигоров: Да се разбереме! Меѓународно правно, никој нема надлежност за таква одлука освен самата земја. Дали некоја земја ќе ја признае другата под вакво или онакво име, е друго прашање. ФИРОМ не е меѓународно правно име, тоа е привремено решение за меѓународни комуникации. Меѓународната заедница нема одлучено ниту може да одлучи за тоа име. Станува збор за евентуален пресврт од тоа привремено, кон конечно решение, кое ќе биде во сите меѓународни организации третирано така како е одлучено. Претпоставка е дека две третини од членките на ОН треба да прифатат дека тоа е името, со кое се комуницира кога е во прашање таа земја. Тука има еден проблем: дали е потребна согласност од Советот за безбедност. Но дури и да има, прашање е дали Франција и Велика Британија би ставиле вето, што ми се чини малку веројатно. Другите членки на СБ ја признаваат Македонија под уставното име. Тоа би бил меѓународниот пат. Но, можен е пресврт на ситуацијата само кога е во прашање комуникацијата меѓу тие организации. Тоа нема да го промени ставот на Грција, која има право на вето во организациите во кои Македонија сака да се зачлени, во тоа е проблемот.

Да го оставиме настрана проблемот со името. Како стои Македонија со исполнувањето на останатите критериуми кои ги постави Европската комисија?

Глигоров: Кога станува збор за економските карактеристики - пазарната економија и конкурентноста, Македонија и не стои така лошо, иако има невработеност, која е непријатна, да не кажам нешто полошо. И тоа е една негрижа на сите влади, што секако не зборува добро за Македонија Но од гледна точка на тие фискални критериуми, надворешната трговија на Македонија не стои лошо. Главните забелешки се демократизацијата и корупцијата. Тие Копенхашки критериуми се клучни за Македонија и тука станува треба да се направи чекор напред. На сите други земји од Западен Балкан не им се ставаат забелешки за избори и сл. Во Македонија и последните избори покажаа недостиг на демократска култура, што е голем проблем. Има забелешки за корупција. Посебно онаа права влада на ВМРО- ДПМНЕ, која беше многу корумпирана и со знаење и сеќавање ја оптоварува и оваа влада и Македонија генерално.

Дали сепак може да се очекува во ноември Македонија да добие позитивни оценки од Европската Комисија?

Глигоров: Кога станува збор за моите сознанија, Комисијата работи многу истрајно за да формулира позитивен заклучок. Тоа е интенција на Комисијата и луѓето кои таму работат. По мое мислење, луѓето сакаат да помогнат и мислам дека во тој правец одат и заклучоците. Тие се‘ уште не се напишани, но интенцијата е тие да звучат така, за да се отворат можности за почеток на преговорите. Македонија не може да биде Швајцарија, но заклучоците, според мене, ќе бидат позитивни - умерено или ограничено позитивни. Тоа нема да биде доволно, доколку ова прашање со името не се симне од деневен ред или не се пролонгира.