1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за домување е добар, но тешко спроведлив

6 март 2012

Формирањето Заедници на сопственици значи крај за Куќните совети, но и главоболки околу спроведување на постапката. Законот за домување е јасен, а во практиката има проблеми, велат граѓаните. Кој добива, а кој губи?

https://p.dw.com/p/14Fa8
Фотографија: DW

Министерството за транспорт и врски на Република Македонија потсети дека рокот за регистрирање на заедници на станари истекува на први април. Од август 2010, кога Законот за домување влезе во сила, регистрирани се близу 2100 заедници на сопственици на станови во цела Македонија. Регулаторната комисија за домување од формирањето до сега издала само шест лиценци за управители. По Скопје, на листата на градови во кои сопствениците на станови побрзаа да се организираат се Битола и Охрид.

„Во Охрид од вкупно 260 обврзници за регистрирање на заедница на сопственици досега се регистрирани 202 заедници. Тоа е голем процент и тие сопственици на станови го испочитувале рокот“, вели директорот на подрачната единица на Централниот регистар во Охрид Венко Арнаудов.

Тој додава дека се добро организирани и примерите како треба да се пополнат документите ги има на нивната веб-страница, како и на страницата на Министерството за транспорт и врски. Обврската за регистрација важи за станбените згради со повеќе од двајца сопственици, или со повеќе од осум станови.

Различни искуства на иста тема - Заедница на станари

Законот е добар, но тешко спроведлив во практиката, велат најчесто граѓаните.

„Започнавме со административната процедура и потоа рекоа дека не мора да се конституира и така застанавме. Сепак, сметам дека во законот има недоречености. Управителот, според законот, би требало да се вработи. Со користење на услуги од агенции сигурно повеќе би одговарало, бидејќи кој е тој влез од зграда и стан што би можел да одвои толку средства за да плаќа и вработи помодерен претседател на куќен совет или управител?“, прашува Орхидеја Топенчарова.

Mazedonien Land und Leute
Досега се регистрирани близу 2100 заедници на сопственици на станови во цела МакедонијаФотографија: DW

Иван Цветкоски во практика ги чувствува ефектите од Законот за домување:

„Регистриравме Заедница на станари. Но по три-четири месеци увидовме дека сепак многу тешко може да функционира, бидејќи се‘ се сведува на совеста на секој станар. Јас бев претседател на Советот на станари и се сретнав со незаинтересираност од страна на соседите во зградата. Вклучивме договор со овластен станбен сервис. И засега, бидејќи договорот е од средината на декември, добро функционираме, ама и овој начин има одредени слабости, особено во делот на собирање на финансиите.“

Иван заедно со соседите проблемот го реши со ангажирање на првата фирма во Македонија регистрирана за управување и одржување згради „Станбен сервис“ од Скопје. Таа има деценија и пол искуство во Хрватска и низ  Македонија и е одреден гарант кој за 300 денари месечно по стан им го симна товарот од грб. Тие мислат за поправките, сметките, лифтовите, светилките и се‘ друго. Уште да се смени свеста кај станарите и да ја сфатат полезноста од здружувањето:

Mazedonien Land und Leute Tetovo
Во Македонија неофицијално има околу педесет илјади згради со сто и осумдесет илјади становиФотографија: Petar Stojanovski

„Барем од мое искуство. Многу повеќе интерес за функционирање на зградата има од лицата кои тука имаат стан, а се од Скопје, Битола, Штип, отколку охриѓани.“

Но медалот има и друга страна, додава Орхидеја: „За жал познавам такви луѓе кои на шести кат одат пеш, бидејќи одржувањето на лифтот одбиваат да го платат викенд станарите. И нормално има проблем.“

Инспекции и казни

Во Македонија неофицијално има околу педесет илјади згради со сто и осумдесет илјади станови. Нивниот број вртоглаво расте. И доколку се‘ оди според замисленото, работата на црно ќе им се регулира на близу шест илјади лица. Плаќањата ќе одат преку жиро-сметки. Ќар ќе имаат и државата и општините. Од април инспекциските контроли ќе биле позачестени, а казните за непочитување на одредбите од законот за домување ќе се движат од триста до осумстотини евра. Ќе има и за оние кои не се регистрирале, но и за тие кои не ги одржуваат зградите. Државата надзорот им го препушти на општините кои треба да назначат и инспектори по домување.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска