1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за јазиците не е за партиски маркетинг

Свето Тоевски6 август 2008

ДУИ најави дека ќе им достави на меѓународните организации и странски амбасади во Македонија свој предлог - закон за јазиците. Експертите предупредуваат законот да не се злоупотребува во маркетиншки цели на партиите

https://p.dw.com/p/ErGX
Пратениците го донесоа по вторпат, ДПА најавува свој предлог закон за употреба на јазицитеФотографија: dpa

Генералниот секретар на ДПА Имер Алиу кажа:

„Со тој закон албанскиот воопшто не е службен јазик, значи, не е во службена употреба во сите институции и тој е само збир од членови од други закони, каде што е регулирана употребата на албанскиот јазик“.

Потпретседателот на парламентот и на ДУИ Рафиз Алити коментира за Дојче Веле:

„Многу е легитимно тоа што најавуваат дека ќе предложат свој закон. Но, ќе беше добро да бидат во Собранието и таму да го предложат тој закон, а не да бидат на плажите“.

ДУИ: ДПА има легитимно право да предлага нов закон

Рафиз Алити истакнува дека „сегашниот закон е само оптимална основа за натамошни допрецизирања на усвоените решенија“ и нагласува:

„За прв пат албанскиот јазик ќе биде пишан и во владата и во парламентот. За прв пат, ете, комисиите ќе се водат и на албански. Секако, останува отворено натаму да се прецизира секаде каде што ќе треба да се употребува албанскиот јазик“.

Експертите предупредуваат

Во експерската јавност се слушаат предупредувања „партиите да не го злоупотребуваат прашањето на службената употреба на јазиците, заради свои дневно - политички и маркетиншки побуди“ – ова го вели професорот Мерсел Билали од ФОН Универзитетот од Скопје. Во врска со законот тој посочува:

„Тоа е еден чекор напред, но, јас мислам дека се уште не е на ниво на стандардите на тоа што се бара со Рамковниот договор. Не би требал да биде критична маса за експлоатирање на ова прашање, бидејќи тоа ќе трае многу, многу години. Да не го злоупотребуваат за дневно – политички работи, затоа што е подобро да се фокусираат кон економско -социјалните теми, а ова прашање да биде сведено по автоматизам во процес“.

Да не се бара службена употреба на албанскиот јазик во армијата и во полицијата

Зеќир Кадриу, професорот на катедрата за албански јазик на Штуловиот Универзитет во Тетово се залага за една поширока употреба на јазикот на неговиот етникум, „бидејќи решенијата од законот што го донесе парламентарното мнозинство на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ би го решиле само статусот на албанците каде што се тие навистина повеќе од 20%, но, албанскиот јазик не треба да биде употребуван само во одредени сектори, туку насекаде каде што ќе биде можно.

Експертите сметаат дека не е оптимално да се бара официјална употреба на албанскиот јазик и во специфичниот систем на командување во армијата и полицијата, каде што треба да се користи унифициран јазик. Експертската јавност ќе има можност да ги изнесе своите ставови и во една стручна дебата, која ДПА ќе ја организира набргу.