1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот кој длабоко ги подели Американците

Петер Дал/Б. Георгиевски5 октомври 2013

Републиканците гласаа повеќе од 40 пати за да го спречат законот за здравствена заштита на претседателот Обама. Законот толку ја подели нацијата што доведе до блокада на Владата.

https://p.dw.com/p/19tdr
Фотографија: picture-alliance/dpa

Зошто се Американците толку поделени околу законот за кој експертите велат дека ќе се обезбеди здравствено осигурување за уште 30 милиони граѓани? Дали е „Обамакер“ навистина толку лош?

Иако Законот за заштита и за пристап до нега, е во сила од март 2010, тој се‘ уште претставува мистерија за многу Американци. „Тој е долг меѓу 32 илјади и 64 илјади страници“, објаснува едно младо момче за ДВ.

Кавита Пател од Брукингс Институтот во Вашингтон вели дека голем дел од недоразбирањата во врска со „Обамакер“ се должат на „неуспехот да им се објасни на луѓето на кој начин тој влијае врз нивните животи“.

Околу 80 проценти од сите работници во САД се веќе осигурени преку нивниот работодавец. Според Галуп, 8 од 10 Американци се задоволни со актуелното здравствено осигурување, но проблемот е во тоа што милиони ја губат работата или банкротираат затоа што не можат да си ги дозволат огромните цени на осигурувањето.

Основната филозофија на реформата на здравствениот систем е секој Американец да добие пристап до здравствената заштита. Под стариот систем, многу млади одлучуваа да не земаат здравствено осигурување, делумно поради високиот трошок, а делумно и поради тоа што чувствуваат дека се помали шансите да им затреба.

Според новиот закон, секој поединец мора да се осигура, што значи дека секој граѓанин што плаќа данок ќе мора да плати, без разлика на годините или здравствената состојба. Неизбежно, многу млади луѓе кои во моментов немаат здравствено осигурување, а се здрави, ќе го сметаат како финансиски товар. За да се зголеми притисокот врз граѓаните, со законот се предвидува и казна од 95 долари за секој кој нема да се осигура.

Клучни точки

Основната цел е да се намали бројот на неосигурените Американци - во моментов околу 60 милиони, или 20 проценти од населението. За да се обезбеди тоа, со законот се нуди можност за бесплатна или евтина здравствена заштита преку владиниот „Медикер“ - програма за сиромашни, за семејствата кои заработуваат помалку од 31 илјада долари годишно. Според проценките, на овој начин ќе се обезбеди заштита за околу 17 милиони луѓе кои не се осигурени.

Конечно, врвот на новиот закон е новата интернет страница каде граѓаните можат да бираат меѓу повеќе видови осигурување. Оние кои не се квалификувани за Медикер, можат да одберат меѓу „бронзен“ план кој покрива 60 проценти од трошоците за лекување, „сребрен“ кој покрива 70 проценти, „златен“ - 80 проценти и „платинест“ - 90 проценти.

Operationssaal
Четириесет и четири проценти од Американците веруваат дека „Обамакер“ ќе ја влоши состојбата во здравствениот сектор, додека 35 отсто сметаат дека ќе ја подобриФотографија: Getty Images

Компаниите кои вработуваат повеќе од 50 работници со полно работно време, ќе треба да платат казна доколку не им обезбедат здравствено осигурување. Некои критичари сметаат дека оваа обврска ќе има негативен ефект врз отворањето нови работни места. Некои компании веќе почнаа да ги вработуваат работниците само на привремени договори или, пак, им забрануваат да работат повеќе од 29 часа неделно, за да не се надмине границата од 30 работни часа по која имаат обврска да обезбедат осигурување.

Експертите стравуваат дека тоа би можело да ја зголеми бројката од 30 милиони кои нема да добијат пристап до осигурувањето, и покрај законот. Дел од тие луѓе се имигранти без документи, но повеќето се Американци кои живеат во сојузни држави кои одбиваат да го спроведат владиниот план - согласно одлуката на американскиот Врховен суд.

Досега 26 држави, сите со гувернери републиканци или со законодавни домови со мнозинство републиканци, ја одбраа таа опција и оставија околу 8 милиони луѓе без осигурување. Само 16 држави и Дистриктот Колумбија работат на спроведување на планот на Белата куќа.

Политички амбис

„Обамакер“ предизвика голем јаз меѓу демократите и републиканците. Тоа, пак, придонесе за создавање отровна политичка клима, особено поради сомнежите дали законот воопшто може да функционира.

USA Shopping in Manhattan
Основната цел на „Обамакер“ е да се намали бројот на неосигурените Американци - во моментов околу 60 милиониФотографија: picture-alliance/Ton Koene

Анкетите покажуваат дека 51 отсто од Американците се против законот, а само 40 проценти „за“. Четириесет и четири проценти од Американците веруваат дека „Обамакер“ ќе ја влоши состојбата во здравствениот сектор, додека 35 отсто сметаат дека ќе ја подобри.

Многумина веруваат дека законот ќе го зголеми и државниот дефицит. „Обамакер“ ќе чини околу 1,4 трилиони долари во следната деценија, проценуваат од натпартискиот комитет за буџет на Конгресот. Со него се зголемуваат и даноците за големите заработувачи, како и трошоците на болниците и осигурителните компании.

Но, се‘ додека демократите го имаат мнозинството во Сенатот, а Обама владее со Белата куќа, шансите дека законот ќе биде повлечен се мали.