1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот на Путин ги брка Русите од Црна Гора

Ана Богавац/Б. Георгиевски20 април 2013

Указот на Путин со кој им наложи на сите политичари и државни службеници до 1. јуни да ги затворат сметките во странски банки и да го продадат имотот вон Русија, станува сериозна закана за економијата на Црна Гора

https://p.dw.com/p/18JSt
Фотографија: DW

Саша Бељаков, Русин кој долги години вложува во својот имот во Херцег Нови, сака да се пофали дека лично го познава рускиот претседател Владимир Путин, но и други високи руски функционери.
„И Евгениј Примаков е мој пријател, како и директорот на руската железница Владимир Јакунин. Тие двајцата беа на одмор кај мене во Црна Гора“. Неговите пријатели сепак немаат имот во Црна Гора. Таму доаѓаат повремено само на одмор.

Најголем број туристи во Црна Гора се одмараат во Будва. Според податоците на властите, дури една четвртина од становите и деловните простори во градот се во сопственост на странски државјани.

„Од 2008 година, исклучиво само Руси купуваа недвижности во Црна Гора, и можеби по некој од Белград или Нови Сад“, вели Љубомир Новаковиќ, сопственик на агенцијата Гра-Мар, која најчесто работи со Руси.

„Голем број политичари, иако не највисоките, но оние кои работат во владата или во државните органи, такви има многу. Има луѓе од Советот за безбедност, од армијата, од министерството за внатрешни работи, итн.“, вели Бељаков.

Montenegro Tourismus Budva Promenade
БудваФотографија: DW

Продажбата не е добра за економијата

Токму тие, според указот на Владимир Путин, имаат обврска до 1. јуни да ги затворат своите сметки во странски банки и да го продадат имотот надвор од Русија. Обврската се однесува на сите политичари на федерално ниво, но и на пониските, се’ до градските, кои мораат да одлучат дали сакаат да ги задржат функциите или да ги сочуваат своите сметки во странство.

Бељаков тврди дека голем број политичари одлучиле да го послушаат Путин.

„На пример во Херцег Нови тие купија околу 100 објекти, станови, ресторани, итн. Но сега половината од нив се ставени на продажба“, тврди Бељаков.

Доколку голем дел од сопствениците сега се обидат да ги продадат имотите тоа нема да биде добро за земјата, предупредува економскиот аналитичар Василије Костиќ.

Jaz Budva
Фотографија: DW

Малата црногорска економија неподготвено го дочека бранот инвеститори од Русија, пред околу 6 години. За разлика од Хрватска, каде се’ до 2009 година беше забранета продажба на станови и куќи на странци, во Црна Гора немаше никаква законска регулатива со која би се ограничила продажбата.

Костиќ не гледа можност сега да се регулира евентуалниот одлив на капитал, но и не мисли дека тој ќе се случи во поголема мерка.

„Вие не можете, ниту тоа би било добро, да ги ограничувате таквите активности на сопствениците на капитал или на инвеститорите“.

За Љубомир Новаковиќ многу поважно е државата да ги реши другите проблеми, за да ги задржи сегашните и да привлече нови инвеститори.

„Многу е поважно Црна Гора како држава да има поквалитетна понуда, да има помала администрација, да има помалку криминал, тоа е многу поважно отколку таа одлука на Путин во врска со имотот“.