1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заложничката драма во Русија продолжува

2 септември 2004

Преговорите меѓу руските власти и киднаперите, кои во зградата на училиштетото во градот Беслан држат околу 350 лица, до сега не донесоа никакви резултати

https://p.dw.com/p/AcLa
Фотографија: AP

Киднаперите бараат ослободување на нивните соборци во соседната република Ингушија и се закануваат дека за секој убиен герилец ќе ликвидираат по 50 деца.

Страв владее во малото гратче Беслан. Радоста и возбудата од првиот ден на новата учебна година ја прекрија тешките облаци на грижа по доаѓањето на тешко вооружените киднапери, кои ги тераа децата и родителите пред себе:

“Не истераа сите во спортската сала. Луѓето се таму“ - појаснува една ученичка, која успеа да му избега на киднаперите. Едно момче додава:

“Стоевме таму кога се чуја првите истрели. Прво мислевме дека се тоа нашите родители, но тогаш дојдоа Чеченците, не опколија, а ние избегавме. Чеченците зборуваа гласно, но ние не разбравме ништо!“

Од истрелите најмалку 13 лица лежат со тешки повреди во болниците, а според некои информации има дури и 16 загинати. Надвор пред училишната зграда има илјадници насобрани граѓани, кои исчекуваат каква и да е информација за судбината на нивните најблиски. Полицијата во повеќе наврати мораше да интервенира за да ги спречи избезумените родители на сила да влезат во училишната зграда.

Во меѓувреме се познати барањата на терористите:

“Контактот со киднаперите е конечно воспоставен и се водат преговори. Имаме информација што ни дава можност да ги планираме следните чекори“ - вели Валери Андрејев, раководителот на локалната служба на безбедносните сили.

Но, големо прашање е дали има вистински преговори, бидејќи раководството од Москва никогаш до сега не прифатила да преговара со терористи. Барањето да бидат ослободени соборците на киднаперите, кои се обвинети за убиство на 90 полицајци, звучи еднакво како и да побарале руската армија да се повлече потполно од Чеченија.

Во меѓувреме Советот за безбедност на ОН, на итна седница свикана на барање на Русија, го осуди киднапирањето и побара децата и нивните родители од училиштето во Беслан да бидат итно ослободени. Советот ги обврза сите влади во светот да соработуваат со руската во надминувањето на актуелната криза. Американскиот претседател Џорџ Буш и понуди на руската влада помош од секаков вид, нагласувајќи дека САД и Русија рамо да рамо се борат против меѓународниот тероризам. А канцеларот Герхард Шредер нагласи:

“Сите имаме повод да се погрижиме да биде преземено се во борбата против тероризмот, се едно каде се случува. Тоа е заедничка задача со која мораме да се соочиме. Рускиот претседател и народот имаат полно право да ја добијат нашата солидарност!“