1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заложничка драма во пустината во Алжир

ЖА/дв/дпа/ртре17 јануари 2013

По нападот врз наоѓалиштето на гас во источен Алжир, исламистите држат бројни странци како заложници, а има и убиени. Екстремистите бараат крај на француската воена интервенција во соседен Мали.

https://p.dw.com/p/17LT3
Фотографија: Reuters

Екстремистичка група, блиска на Ал Каеда, ја презеде одговорноста за нападот врз комплексот „Ин Аменас“ и сопшти дека како заложници држи 41 странец. Во нападот биле убиени двајца луѓе, меѓу кои еден Британец, како што соопштува алжирската новинска агенција АПС. Шест лица, меѓу кои тројца странци, се повредени во вчерашниот (16.01) напад на исламистите врз наоѓалиштето со гас во Југоисточен Алжир, потврди алжирскиот министер за внатрешни работи и локална самоуправа Дахо Улд Каблија.

Ранети биле двајца Британци, меѓу кои еден Шкотланѓанец, како и еден Норвежанец и тројца припадници на алжирските сили за безбедност.

„Нашата благословена експедиција е дел од меѓународната алијанса против Евреите и кристоносците. Ние ги сметаме владите на Алжир и на Франција, како и заложниците, за одговорни при секое одложување на нашите барања, од кои најважно е итен прекин на нападите врз нашиот народ во Мали“, соопшти „Бригадата на Ал Каеда во исламски Магреб“.

Алжирскиот министер за внатрешни работи исклучи преговори со грабнувачите, кои биле околу 20, и како што истакна, не дошле ниту од Мали, ниту од Либија, туку биле локални жители. Министерот тврди дека грабнувачите се опколени од владините трупи. Според медиумите, терористите се заканиле дека ќе го дигнат во воздух наоѓалиштето на гас, ако армијата се обиде да ги ослободува заложниците. Медиумите тврдат дека првиот обид за ослободување бил неуспешен. Наоѓалиштето на гас е во заедничка сопственост на британскиот БП-концерн, Статоил од Норвешка и алжирската државна фирма Сонатрах. Тоа се наоѓа во близина на границата со Либија и е повеќе од илјада километри оддалечено од границата со Мали. Владите на САД, Норвешка, Велика Британија, Ирска и Јапонија потврдија дека меѓу заложниците има нивни државјани.