1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заминување на Хрватите од Сараево

Самир Хусеиновиќ/ Елизабета М. Фиданоска15 мај 2012

Во Сараево во 1991 година живееја околу 35.000 Хрвати. Се проценува дека денес ги има меѓу 13 и 20 илјади. Многумина тврдат дека за тоа не е виновна само војната, туку и политиката на Туѓман и Милошевиќ.

https://p.dw.com/p/14v28
Фотографија: DW

Сараевскиот Хрват Д.М. и неговите родители војната ги затекнала во станот во сараевската населба Грбавица. „Се‘ се промени на втори мај 1992 година, со доаѓањето на стотици војници на Република Српска на Грбавица. Во тој дел од окупираното Сараево Хрватите ја делеа истата судбина со Бошњаците, што значи им беше наменет работен вод. Да се биде во работен вод значеше да се копаат ровови и да се прават бункери на првата линија на фронтот, а тука беа убиени многумина. Навредите и физичкото малтретирање беа речиси секојдневна појава која Бошњаците и Хрватите можеа да ја почувствуваат на своја кожа“, вели Д.М.

Влегувањето на српските војници во становите под изговор дека Хрватите и Бошњаците и‘ давале светлосни сигнали на Армијата на БиХ била исто така вообичаена појава на Грбавица, а во поголемиот дел од случаите цел на тоа биле грабежи и силувања. „Стравот во тоа време беше голем“, вели Д.М. кој денес живее во една западноевропска земја. Тој не знае дали би ја преживеал „голготата од Грбавица“ ако немал сосед Србин кој му направил лажни документи со кои излегол од Грбавица.

За бројот на Хрватите во Сараево - само проценки

Според пописот на населението од 1991 година, во Сараево живееле 34.873 Хрвати, односно 6,61 проценти од вкупниот број на жители. Оттогаш попис не е спроведен, па тешко е да се утврди денешниот број на Хрвати во Сараево. Според различни проценки, во градот живеат меѓу 13 и 20 илјади Хрвати.

Претседателот на Хрватскиот народен совет (ХНВ), Лука Маркешиќ, за ДВ вели: „Војната е главна причина за намалување на бројот на Хрватите во Сараево, а причините за војната се познати. Тоа е политика изразена во сценариото на поделба на БиХ, но и на поделбата на Сараево. Сценариото е изведувано според волјата на Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман. Планот подразбираше и иселување на Хрватите од Сараево, а еден од извршителите на тој план беше Мате Бобан. Тој, заедно со Радован Караџиќ, планираше и практично изведуваше иселување на Хрватите од главниот град на БиХ. Им испраќаше прогласи да излезат од Сараево, но и автобуси за да им ја олесни работата“, вели Маркешиќ.

Kroaten in Sarajewo
Лука Маркешиќ, католички свештеник во СараевоФотографија: DW

Дали легалните власти на тогашната Република БиХ, но и властите во Сараево можеле да сторат повеќе за да се спречи или барем да се намали заминувањето на Хрватите до Сараево? Лука Маркешиќ не одрекува дека имало поединечни случаи на притисок, па и убиства на Хрвати во опколеното Сараево, но нагласува: „Политиката на службените органи на власта на тогашна Република БиХ не беше политика на прогон.“

20. Jahrestag der Belagerung von Sarajevo
Мнозинството Хрвати замина од Сараево за време на војнатаФотографија: picture-alliance/dpa

Во ХДЗ не сакаат да зборуваат за таа тема

Политичките претставници на Хрватите во БиХ, кои за себе знаат да кажат дека се единствени легитимни претставници на овој народ, значи лидерите на Хрватската демократска заедница на БиХ и ХДЗ 1990-та, не зборуваат за промената на етничката слика на Сараево. На прашањето на ДВ кого го смета за одговорен за заминувањето на Хрватите од главниот град на БиХ за време и по војната, претседателот на ХДЗ 1990-та Божо Љубиќ кусо одговара: „Ја не сум единствен легитимен претставник на Хрватите.“

Претседателот на Хрватската партија на правото на БиХ Звонко Јуришиќ смета дека причините за заминување на Хрватите од Сараево треба да се бараат во „страшните воени разорувања и повикот на хрватската политика од деведесетите години до Хрватите да го напуштат Сараево, што беше погубен потег за Хрватите“. Јуришиќ смета дека актуелната политика во Сараево би требало да има повеќе сензибилитет доколку сака да ја подобри материјалната положба на сараевските Хрвати, па и да создаде услови за нивно враќање. „Во институциите на државата, на кантоните, општините и јавните претпријатија, би требало да има национална застапеност, пропорционална на пописот на населението од 1991 година. Податоците за Сараево се поразителни. Знам дека веднаш ќе има споредби со Мостар, Столац или Чапљина, но Сараево е главен град на БиХ и треба да направи чекор понапред од другите градови, да им биде пример на останатите градови на БиХ“, заклучува Јуришиќ.