1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Замирање на куклениот театар

26 јуни 2010

Во Македонија отсуствува цела една сфера од театарскиот живот- куклениот театар. Куклени претстави има се’ помалку а режисерите и актерите речиси и да не се занимаваат со тоа. Црвеното светло е вклучено.

https://p.dw.com/p/O3tc
Фотографија: Christian Flemming

Куклениот театар е стартот во големата трка на театарското живеење,тој е празникот на театарот како што би рекол Хемингвеј. Затоа мислам дека театрите тој празник, куклениот театар треба постојано да го негуваат и чествуаат, потенцира драмскиот писател Трајче Кацаров и констатира дека за жал во Македонија не е така. Куклите во македонските театри се помалку ги има што значи театарот грабејќи напред заборава на своите почетоци и минато,на своето вистинско време. Куклите и претставите за деца треба почесто да ги има ,само така театарот може да има сегашно време.

Само еден куклар

Во македонските театри нема доволно мајстори за кукли,нема доволно едуцирани актери за кукли,режисери,сценографи,нема автори за куклени драмски текстови. Засега сите доаѓаат од странство воглавно од Бугарија најчесто режисерот Боњо Лунгов, кој најави наскоро да ја прекине својата долгогодишна соработка со македонскиот театар.Затоа Кацарев предлага решение до надлежните за надминување на ваквата состојба. „Факултетот којшто лиферува кадри за театрите да отвори отсек за куклен театар ,а на Академијата за ликовни уметности да се отвори отсек за изработка на кукли за театрите. И покрај тоа што ќе кажете дека тоа е ситуација што со малку ќе може да биде згрижена и не е некоја голема работа,сепак ние треба да се грижиме и за дејноста на театарот, а во тие рамки и за куклен театар.

Во единствениот куклен театар во Македонија односно во Тетарот за деца и младинци во Скопје засега професионално работи само еден куклар, Кирил Василев кој има завршено Ликовна академија - отсек вајарство, но вели дека со долгогодишната над десетгодишна работа се стекнал со големо искуство. „Па имам стекнато искуство, но би било убаво да имам уште колеги, ако не повеќе за да можеме да соработуваме ,да се натпреваруваме‘‘.

Glückliche Holzköpfe
Фотографија: AP

За процесот на работа ни појаснува „Процесот оди вака,најпрво треба да се има идеја, да се знае што ќе се работи ,се бираат моделите и принципите според кои што се изработува куклата,односно каква кукла ќе изработувам.При тоа најмногу внимавам таа кукла да биде трајна ,за да можат актерите удобно да работат со неа,за тоа посебно се трудам и се разбира тоа да биде допадливо за публиката‘‘.

Потребни се млади професионални кадри

Младата Марија Ѓорѓијовска засега е единствениот актерка за кукларство што е академски едуцирана и тоа на Факултетот во Софија, Бугарија.Таа веќе една година по дипломирањето е соработник во Театарот за деца и младинци и се надева на постојана работа. Добро соработува со своите колешки куклари во овој театар кои иако не се акедемски едуцирани за оваа насока, вели дека имаат големо искуство од кои многу учи. Таа смета дека во Македонија сепак треба да има и нови, млади професионални кадри за кукларство и да се отворат уште куклени театри во повеќе македонски градови.

„ Би сакала да имам уште колеги, да се запишуваат на факултет,а ако нема тука да отидат подалеку од Македонија и да се едуцираат. Кукларството е интересно како театарски отсек и во Македонија треба повеќе да се развива, затоа што е големо богатство‘‘.

Ѓорѓијовска ни ја појаснува големата разлика да се игра како актер и да се игра со кукли. Актерот ги покажува чувствата од другата страна пак треба многу добро технички треба да се совлада куклата за дејствието да се изрази преку неа ,а што е многу потешко. „Со куклите можеме многу повеќе да направиме во споредба со самиот актер. На пример куклата може да лета, и уште многу похиберболизирани работи, за разлика од кога актерот би играл во живо. Многу е важно дејството во претставата, да се усогласи словото односно гестот и текстот сето тоа да биде оправдано усогласено и да имаме впачаток дека тоа куклата го говори‘‘.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Симе Недевски