1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

061210 Rückkehr D-Mark

9 декември 2010

Што всушност ќе се случи ако еврозоната се распадне? Многу Германци си го посакуваат враќање на германската марка. Но, имаат ли реална претстава што би се случило ако навистина повторно би била доведена марката?

https://p.dw.com/p/QTFq
Фотографија: AP

Начелно и од чисто технички агол погледнато, враќањето на марката не би претставувал проблем, оти во Бундесбанката работат околу 10 илјади добро обучени стручњаци. Тие ја внесоа западногерманската марка во некогашната Германска Демократска Република, тие се погрижија еврото буквално преку ноќ без проблеми да стои на располагање насекаде во веќе обединетата Германија, што до денес се смета за логистичко ремек-дело. Идејата и сама по себе е примамлива.

На марката силно би и пораснала вредноста

Германците многу и’ се приврзани на својата марка - до денес се во оптек околу 14 милијарди во банкноти и монети. Тие не ја загубија вредноста. Ако би се распаднала монетарната унија, Германија, заедно со Белгија, Холандија и Финска и други, би спаѓала меѓу земјите со цврста валута. Тоа значи дека силно би и’ скокнала вредноста во однос на ескудосот, драхмата, пезетата и лирата. Германските потрошувачи би се радувале дека виното од Италија, маслинките од Грција и одморот во Шпанија би биле значително поевтини отколку денес. На друга страна, германските производи во странство би биле поскапи. Автомобилите, машините и постројките „мејд ин Џермани“ би биле речиси недостапни во Португалија, Ирска, можеби дури и во Франција. Затоа Клаус Шрифер, главен економист на банката СЕБ (ес-е-бе) е сигурен...

Deutschland Denkmal für die Deutsche Mark
Марката има свој споменик во ГерманијаФотографија: Fotolia/christian-colista

„... дека еврото во моментов е малку преценето, ако се спореди со таканаречената фер-вредност. Но германската марка би била значително посилна и со тоа ценовната конкурентност на германското стопанство би била значително послаба отколку што е денес“.

Германија профитира од еврозоната

Земјите со меки валути би имале проблем со висока инфлација, која бргу би се нашла во двоцифрена зона. Тоа би им го оневозможило враќањето на долговите, кои тогаш делумно би биле сметани и во германски марки. Последица би била банкрот на поедини држави. Германското стопанство сега профитира од ниските камати, кои веќе и не ја отсликуваат домашната стопанска сила. Оттука, резимето на Клаус Шрифер гласи:

„Германија во моментов профитира од припадноста кон еврозоната. Без еврото предусловите за германското стопанство би биле значително полоши“.

Автор: Штефан Волф / Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски