1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Започна одбројувањето за старт на Берлиналето

Силвера Падори24 јануари 2009

Филмаџиите и публиката со нетрпение го очекуваат стартот на 59-иот фестивал, кој ќе се одржи од 5 до 15 февруари. Програмата официјално ќе биде соопштена на 27.01.2009. Македонија без штанд, а сепак во Берлин.

https://p.dw.com/p/GeuC
Симболот на Берлин е сместен и во логото на Филмскиот фестивал кој стана и една од идентификациите на германската престолнина

Остануваат само уште 12 дена до фестивалскиот старт кој годинава му е доверен на германскиот режисер Том Тиквер и неговото најновото остварување “Меѓународниот заговор”. На црвениот тепих, на плоштадот „Марлен Дитрих“, ќе продефилира, како и досега, дел од Холивуд.

Дела од докажани автори и првенчиња

Од 26-те филмови во главната конкуренција за златната и сребрените мечки ќе се борат режисери од калибарот на Анджеј Вајда(со „Татарак”), Бертран Таверние („Електрична магла”), Сели Потер („Бес”)... На фестивалот во трката се и дебитанти како Петер Штрикланд и романско-британско-унгарската копродукција „Каталин Варга” или американскиот „Гласник” на Орен Моверман. Среќата за награди ќе си ја испробаат и автори од Данска, Британија, Кина, Перу, Уругвај, Аргентина.

Во главната конкуренција Германија е застапена со две самостојни и пет копродукции. Во годината на дведеценискиот јубилеј од обединувањето, публиката со нетрпение го очекува „Германија 09” - компилација од 13 кратки филмови од исто толку мајстори на режијата, меѓу кои се Фатих Акин, Доминик Граф, Волфганг Бекер и др. Филмот нема да атакува на одличјата, зашто е надвор од конкуренција, но неговата ексклузивност дотолку повеќе ја загрева публиката.

Македонија без штанд, но присутна

Во главната селекција и паралелните филмски програми Македонија ја нема. Лани имаше штанд на Европскиот филмски маркет. Годинава нема свој простор, но е присутна на два други штанда, и тоа со две копродукции. Македонско-чешкиот филм „ Созерцание” на Иво Трајков, кој го претставува чешкиот партнер и продукцијата на Македонија, Хрватска, Австрија и САД „Плати и жени” (Кеш енд мери) на Атанас Георгиев, кој го презентира хрватскиот видео и аудио центар. За 32 годишниот Георгиев, кој живее на релацијата Скопје - Прага - Виена, ова е режиско првенче. Има завршено Академија во Скопје - отсек филмска и телевизиска монтажа и на струката работел на повеќе македонски филма.

Berlinale
„Потсдамер плац“ во Берлин непосредно пред отворање на БерлиналетоФотографија: AP

За “Плати и жени” во оригинал “Cash and Marry"- Атанас вели дека самиот наслов ја презентира реалноста на многу млади луѓе од Балканот. Тоа е приказна за патот до таа “златна” Европа: плати за да се ожениш и да добиеш документи за престој. Филмот е документарец, но има играна структура што ќе биде особено интересно за гледачите.

На филмот Атанас работел полни петипол години. Создадени се две верзии: филмска 76-минутна и телевизиска 56-минутна. Своевиден успех е што двете имаат различен крај.

“Пристојно” скапа продукција

На прашањето дали станува збор за скапа продукција, Атанас одговара: „Па, јас би кажал - не чинеше скапо во финансиска, туку би кажал повеќе во психичка смисла. Ме чинеше многу време и нерви. Финансиски би кажал дека добро мина. Тоа е македонско-хрватско-австриска копродукција. Со еден процент учествуваше и македонското министерство за култура. Филмот е направен за околу 200 000 евра, и ако има предвид дека се работеше полни 5,5 години и не е голем буџет”, објаснува Атанас Георгиев.

„Плати и жени” ќе биде само еднаш прикажан на филмскиот маркет. Го прашуваме режисерот дали ќе присуствува на проекцијата во Берлин, а тој одговара: "За жал не! Само што почнав да работам нов документарен филм. Се работи за македонскиот боксер Вели Мумин, исклучително интересен лик, повеќекратен европски шампион кој живее во Македонија. Со малку среќа ќе направиме добар филм, така што обврските не ми дозволуваат да дојдам во Берлин, иако толку би сакал."