1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Започнува филмскиот фестивал во Венеција

31 август 2011

Денеска свечено ќе биде отворено 68-то издание на Меѓународен филмски фестивал во Венеција. До 10. септември прекрасниот италијански приморски град ќе биде центарот на филмскиот свет.

https://p.dw.com/p/12QGi
„Мартовските иди“ со Рајан Гослинг и Џорџ Клуни ќе го отвори фестивалотФотографија: Saeed Adyani

Популарната Мостра ќе започне со проекцијата на политичката драма „Мартовските иди“ во режија на холивудската ѕвезда Џорџ Клуни. Во Венеција ќе допатуваат голем број други  филмски ѕвезди, како Кира Најтли, Кејт Винслет, Гвинет Палтроу, Мет Дејмон, Колин Фирт, Мадона, Ал Пачино.
За главната награда, „Златниот лав“, покрај филмот на Клуни, ќе се натпреваруваат и други 22 филмови. Претседател на фестивалското жири е двојниот добитник на „Златен лав“, режисерот Дарен Аронофски.

Многу занимливи наслови

Goldener Löwe der Filmfestspiele in Venedig
„Златниот лав“- главната награда во ВенецијаФотографија: picture-alliance/dpa

Годинашната Мостра има богата програма со долгоочекувани филмови и светски познати актери. Меѓу филмовите што со нетрпение се очекуваат е адаптацијата на шпионскиот роман „Мислител, кројач, војник, шпион“ на Џон Ле Каре, со Колин Фирт, Гери Олдман и Џон Хрт во главните улоги.
Интересни за публиката се и насловите „Оркански височини“, адаптација на познатиот роман на Емили Бронте, во режија на Британката Анде Арнолд, „Тексашки полиња на смртта“ на Амиј Канан Ман и „Убиецот Џо“ на Вилијам Фиркин - филм за детектив-платен убиец, кого го игра Меконахи.
Канаѓанецот Дејвид Кроненберг во својот нов филм „Опасен метод“ го истражува ривалството меѓу Карл Јунг (кого го глуми Мајкл Фасбендер) и Зигмунд Фројд (Виго Мортенсен), поттикнато од доаѓањето на една млада жена  во нивните животи (Кира Најтли).

Најстариот филмски фестивал во светот

Filmfestspiele Venedig 2011 Darren Aronofsky
Претседателот на жирито, Дарен АронофскиФотографија: AP

Големо внимание пред проекцијата во Венеција предизвикува и филмот „Карниџ“ на Роман Полански, кој го пишувал сценариото минатата година додека бил во домашен притвор во Швајцарија. Филмот раскажува за родители од Њујорк кои се запознаваат откако нивните деца учествувале во тепачка во бар, а во главните улоги играат Кејт Винслет и Џоди Фостер.
Рускиот режисер Александар Сокуров, миленикот на европските фестивали со трилогијата за животите на Хитлер, Ленин и Хирохито, на Мостра ќе се претстави со четвртиот дел од серијалот - филмот „Фауст“.

Мострата е најстариот филмски фестивал во светот, чие прво издание било во 1932 година. Гламурот, фантастичните филмови и непреспиените ноќи се составен дел на овој филмски фестивал од А категорија.

Автор:СН/ЕМФ/дв,миа,мф,ртр

Редактор: Трајче Тосев