1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зардари повика на заедничка борба против теророт

Уве Луеб22 септември 2008

По бомбашкиот напад врз најпознатиот луксузен хотел во Исламабад, новиот пакистански претседател Асиф Зардари му објави војна на теророт. Експертите во земјата сметаат дека раководството нема ефикасен одговор за теророт.

https://p.dw.com/p/FMWy
Бомбашки напад во ИсламабадФотографија: AP

Пакистан сеуште е во шок по жестокиот терористички напад врз хотелот Мериот во главниот град Исламабад. Претседателот Зардари се обиде да го охрабри населението: „Апелирам до вас, oд вашата болка извлечете сила. Ние нема да попуштиме во оваа борба против тероризмот. Не се плашиме од вакви кукавички терористички напади. Пакистанците се храбра нација. Го повикувам сите демократски сили да се обединат во оваа борба против теророт.“

Избегната поголема катастрофа

Bombenanschlag in Islamabad Pakistan
Напад врз хотелотФотографија: AP

Во текот на вчерашниот ден беа објавени повеќе детали за нападот, по што станува јасно, дека сето можело да заврши многу полошо, зашто атентаторите сакале нивното возило наполнето со експлозив да го довезат директно во лобито на хотелот. Покрај тоа властите објавија и видео снимка од експлозијата. На неа може да се види дека товарното возило со полна брзина удрило во безбедносната бариера на хотелот.

Експлозијата која следувала направила кратер со длабочина од 6 метри. Фасадата на хотелот е целосно уништена, а пожарот предизвикан од експлозијата го зафатил целиот хотел.

Десетици лица загинаа, а уште најмалку 260 се повредени. Меѓу загинатите има и поголем број странци меѓу нив и амбасадорот на Чешка во Пакистан. Иако досега никој не ја има преземено одговорноста за нападот, пакистанските власти за него ги обвинија терористичката мрежа Ал Каеда и Талибанците.

Пакистанската влада одбива странска помош, експертите предупредуваат

Владата во Исламабад засега отфрла помош од странство во истрагата за нападот. Наместо тоа таа се потпира на наводните успеси во борбата против теророт. Имано од доаѓањето на власт на новата влада во март годинава, бројот на самоубиствени напади во земјата се намалил за 98 проценти и премиерот Јусуф Раза Гилани ја означи борбата против тероризмот како внатрешен проблем во кој не смеат да се мешаат странските влади.

Yousaf Raza Gilani Pakistan Wahlen
Премиерот Јусуф Раза ГиланиФотографија: AP

Поранешниот генерал и пакистански политички експерт Талаат Масуд се сомнева во успешноста на ваквата стратегија: Сфаќаат ли колкав е навистина обемот на заганата од теророт за оваа земја? Не сум сигурен дека одговорот што сакаат да го дадат е доволен“

Парламентарецот Енвер Бег пак смета дека и покрај противењето на владата, на Пакистан на долг рок му е потребна странска помош во борбата против тероризмот: „Меѓународната заедница мора да му помогне на Пакистан. Потребна ни е на пример обука за нашите безбедносни сили, за да може навремено да ги откриваат бомбашите самоубијци. Затоа меѓународната заедница, а притоа мислам и на ЕУ треба итно да го подржи Пакистан, зашто сме загрозени од тероризмот. Потребна ни е голема помош во оваа област.“