1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засилен дијалог и реиндустријализација за ефикасен извоз

29 ноември 2011

Владините економски министри и бизнис заедницата денеска седнаа на заедничка маса. Во услови на криза во ЕУ, се бараат начини за унапредување на извозот.

https://p.dw.com/p/13J0u
Министрите Ставревски и Пешевски на поранешна средбаФотографија: MIA

Стопанството во Македонија стравува од нова криза. Под притисок од влошената состојба на меѓународните пазари, фирмите бараат засилена владина поддршка за превенција од кризата. Како ургентна мерка бараат реиндустријализација на земјата за да се подобри конкурентноста на македонските производи, како и сериозен дијалог со владата.

Претседателот на стопанската комора на Македонија Бранко Азески предупреди дека за конкурентен извоз требаат и конкурентни производи што е проблем на земјите од регионот. Според него, потребна е итна реиндустријализација, изградба на нови фабрики, инфраструктура како клучен услов за зголемување на економскиот пораст. Компаниите според него треба да работат на искористување на внатрешните можности за остварување на оваа цел, а доколку нема такви можности тогаш државата треба да се вклучи пред се’ во делот на развојот на инфраструктурата и засилената поддршка на извозните активности.

Mazedonien Land und Leute Industrie Feni Nickelhersteller
Фабриката „Фени“Фотографија: Petr Stojanovski

„Извоз од дома“

Првиот човек на стопанската комора на северозападна Македонија Мендерес Кучи предупреди дијалогот да не биде само декларативен. Според него, потребни се мерки за да може да се „извезува и кога сме дома“, што значи да се инвестира во туризмот внатре во земјата, без притоа да се употребуваат различни аршини.

Металуршкиот сектор, кој е под најголема закана од кризата на пазарите, предупредува дека ја губи конкурентноста на пазарите поради високите трошоци за струја, гас, транспорт. Во услови кога цените на металите паѓаат, стопанството е соочено со намалени нарачи. Во вакви услови неминовна е рационализација на производството, предупредува Митко Кочовски од „Макстил“. Тој апелира на дневна комуникација со надлежните институции и владата за да можат да се надминат проблемите со системските слабости и специфичните трошоци.

Дијалогот со бизнисот, но и советите на меѓународните финансиски институции во комбинација со планираните мерки за поддршка и промоција на извозот, според владата, ќе ја зголемат конкурентноста на домашното стопанство.

Mazedonien Samoils Festung
Туризмот исто треба да се поддржи: Самоиловата тврдина во ОхридФотографија: Fotolia/Fotolia Mic-02

Поконкурентни производи

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски очекува зголемување и подобрување на структурата на извозот, пред се’ на онаа со додадена вредност. Освен во металуршкиот сектор, се очекува да повлече и автомобилската индустрија, чии фабрики се присутни во слободната економска зона кај Скопје. Министерот за економија Ваљон Сарачини апелира и компаниите да работат повеќе на иновативни проекти и поконкурентни производи, не само за домашниот, туку и за странските пазари.

Дека се остваруваат прогнозите за влошување на економската активност до крајот на годината покажува и официјалната статистика. Според податоците, индустриското производство е во опаѓање, а освен металуршкиот сектор најзагрозена е и текстилната индустрија. Инаку на седмата конференција за унапредување на извозот на Македонија, покрај владините економски министри присуствуваа и клучните извозни компании како главни носители на економскиот пораст на земјата. Владините прогнози се дека годинава економскиот пораст ќе изнесува три и пол насто, а до година четири и пол проценти.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Горан Чутаноски