1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Friedensnobelpreis 2009

10 октомври 2009

Нобеловата награда за мир оди во рацете на Барак Обама. Тој е прв по Џими Картер во 2002 година и вкупно четврти американски претседател, кој го добива престижното признание. Дали и заслужено?

https://p.dw.com/p/K3At
Насмевка со причина: Барак Обама по објавувањето на веста за Нобеловата наградаФотографија: AP

Какво изненадување: човекот кој помалку од една година е на чело на светската супер-сила веќе е добитник на Нобеловата награда за мир. Нема поголем аванс на доверба за човекот за кого се врзува надежта во светот. И покрај кусиот рок што Барак Обама го мина на функцијата, оваа награда не е незаслужен подарок што му паднал од небото. На овој млад политичар му појде од рака и за толку кратко време да ја врати надежта на светот во моралната сила и раководната улога на Америка. Тој е политичар, кој им покажува на луѓето светлина на крајот од тунелот. Неговите визии укажуваат на свет без атомско оружје, на мирољубива коегзистенција меѓу христијаните и муслиманите, како и на свет во кој неговите жители со должна почит се однесуваат кон природните ресурси. Со овие елементи на неговата политичка визија, Барак Обама ги врати во реалната политика надежите за помирен и подобар свет. На милиони луѓе ширум светот тој им дава чувство дека нашата планета, и покрај бројните кризи што ја потресуваат, сепак не е загубен случај. Затоа неговата слика се наоѓа во милиони и милиони домаќинства, од едноставните и сиромашни колиби на африканскиот континент, па до луксузните дневни соби во богатата Европа, каде, патем, довербата во Америка потполно исчезна во ерата на неговиот претходник Џорџ Буш.

Barack Obama in Ghana Afrika
Ја разбуди надежта и на Африканците: Обама при посетата на една болница во ГанаФотографија: AP

Подадена рака

Барак Обама за неполна година успеа да упати јасни зборови на почит кон исламот, посебно преку веќе историскиот говор во Каиро. И на Иран му подаде гранче на мирот и сигнализираше дека е подготвен на мирен начин и со дијалог да го надмине спорот околу иранската атомска програма. Настојувањето да го поттикне одново процесот на атомско разоружување со Русија, Обама уверливо го поткрепи со откажувањето од стационирање на планираната анти-ракетна одбрана на Американците во Источна Европа. И конечно, новиот американски претседател се осмели да воведе пресврт на полето на заштитата на климата и природната околина во својата земја, со што стана доследен наследник на ова поле на сонародникот и поранешен потпретседател на САД, Ал Гор, кој беше добитник на Нобеловата награда за мир во 2007 година.

Nobelpreisträger Al Gore spricht auf dem Klimagipfel in Bali
Сонародникот Ал Гор ја доби Нобеловата награда за мир во 2007Фотографија: AP

А делата?

И покрај вака бројните достигања, сепак по доделувањето на Нобеловата награда на Барак Обама мора малку да се замислиме. Колку и да ја почитуваме добрата намера на овој без сомнение посебен човек, не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека соодносот меѓу неговите величествени зборови и неговите дела е прилично скромен. Иако можеме да аргументираме дека и времето било кратко, сепак спорот со Иран околу атомската програма не е надминат. Не му појде од рака да ја доврши ни војната во Авганистан. А и на блискоисточниот мировен процес се’ уште му недостасува решавачкиот поттик, исто како и на преговорите за атомското оружје на Северна Кореја. Згора на тоа, и над односите на светската супер-сила со Кина повеќе се надвиваат тешки облаци, отколку што има сонце.

Носител на надеж

Затоа Нобеловата награда е сосема јасно повеќе еден вид кредит за Обама, отколку награда за веќе постигнатото. Тој треба така и да ја прими, како поттик и израз на доверба. На светот му е навистина неопходен носител на надежта - повеќе од кога и да е порано!

Автор на кометнарот: Даниел Шешкевиц / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема