1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заслужи ли ЕУ Нобелова награда за мир?

Х. Хелмих/ Зоран Јордановски14 декември 2012

Европската Унија не е особено омилена кај Германците. За многумина ЕУ значи многу бирократија и криза на еврото. Кај многумина постои неразбирање што таква ЕУ сега доби Нобелова награда за мир.

https://p.dw.com/p/172IL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Анкетите потврдуваат дека Европската Унија не е особено омилена кај Германците. За многумина ЕУ значи многу бирократија и криза на еврото. И таква ЕУ сега доби Нобелова награда за мир?

„Нобелова награда за мир е убава работа, но и други ја заслужија“, вели една жена.

„Убаво е дека е таа поим за мир, дека ги здружи поединечните нации“, додава помлад маж.

„Во моето сеќавање е разбирливо само по себе да имаш стандард без војна и без страв“, дополнува друг.

Но, долго време мирот во Европа не беше самопосебе разбирливо нешто. Две светски војни - милиони загинати. Одвај да има семејство кое било поштедено од страдање.

„Тоа e генерациско прашање. За генерацијата од војната, која ги турна граничните рампи, тоа е поприсутно отколку за помладите. Нив не можеш да ги придобиеш апстрактно само со мирот и благосостојбата. Ним мораш да им понудиш многу поконкретни предности, кои европската интеграција им ги донесе на луѓето“, истакнува Тања Берцел, политиколог од Слободниот универзитет Берлин

Со Шенгенскиот договор беа укинати граничните контроли меѓу најголемиот дел од државите на ЕУ. Нема губење време на границите, нема контроли - на Германците тоа веќе нешто им значи:

„Без проблеми може да се патува во земјите, без со часови да се чека на царината. Да, за мене тоа е Европа.

“Има потопли и постудени краишта, може убаво да се патува. Убаво е.“

Европската унија за многумина Германци е пред се’ еврото. Или поточно, кризата на еврото. Според анкетите, мнозинството Германци веќе не се многу задоволни со еврото. Но, и покрај тоа, убедени се дека без ЕУ би било тешко во меѓународната конкуренција.

„Мислам дека луѓето не се сосем согласни со тоа како одат работите со еврото и дека за тоа треба да се издвојат толку многу пари. Но, тие опстојуваат врз тоа, Европејците да останат заедно“, вели еден пензионер.

„Само со ЕУ можеме со стопанските постигнувања да држиме чекор со Азија, Кина и Америка“, дополнува друг граѓанин.

„Ако е економијата в ред, има мир - барем овде.“

Европската Унија - економска и мировна унија во истовреме. Не е ли тоа нешто, што може да ги убеди и во однос на цената за неа?

„Не знам дали тоа толку многу ќе промени. Но, можеби тоа уште еднаш не‘ прави свесни какво постигнување е оваа европска интеграција. Многу работи, кои ние денес ги сметаме за сами по себе разбирливи, не беа такви пред повеќе од шеесет години. А уште и успеавме по студената војна толку бргу да ја интегрираме централна и источна Европа во ЕУ“, истакнува Тања Берцел, политиколог од Слободниот универзитет Берлин.

Во ЕУ конфликтите се водат со зборови, а не веќе со оружје. За Германците и тоа е во меѓувреме само по себе разбирливо. Но, за жирито за Нобеловата награда тоа во секој случај е достојно за признание.