1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заспаната берза никако да живне

Костадин Делимитов25 септември 2013

Може ли по летниот сон да се очекува есенско будење на македонскиот пазар на капитал? Податоците не се охрабрувачки. Цените на акциите драстично паѓаат, прометот исто така. Што и како може да ја смени ваквата состојба?

https://p.dw.com/p/19o84
Фотографија: Fotolia/Eisenhans

Македонскиот пазар на капитал е далеку од атрактивен. Акциите на компаниите обезвреднуваат, прометот е во континуиран пад, интересот кај инвеститорите, посебно странските е речиси никаков. Извештаите покажуваат континуиран пад на прометот. Во август во споредба со јули, опаднал за дури 61%, а бројот на трансакции за 31%. На годишно ниво прометот од тргувањето е помал за речиси 35%. Во отсуство на странските, активни се само домашните инвеститори. Експертите сметаат дека пазарот на капитал во Македонија ќе остане неатрактивен за инвеститорската јавност се додека на него се гледа единствено како на место на кое некој ќе се заработува или ќе регистрира загуба на финансиски средства како резултат на продажбата или купувањето на хартии од вредност.

„Во моментов на пазарот на капитал имаме исклучително мал процент на странски инвеститори , голем процент на индивудуално инвеститори кои се сопственици на акции „без цена“, кои истите претходно ги купиле по исклучително високи цени, и сопственици на фирми кои не знаат, стравуваат или сметаат дека не им е неопходно да се финансираат преку примарниот пазар. А, без заживување на примираниот пазар, односно без користењето на акциите и обврзниците како еден од главните извори на финансисрање на претпријатијата, покрај кредитите, едноставно овој пазар е далеку од видното поле на институционалните инвеститори. Се додека фондовската индустрија не заживее во Македонија или странските инвестициони фондови не видат интересно поле за инвестирање јалови се дискусиите дали цените на акциите во моментов се потценети или не, или дали е интересно да се инвестира во македонските акции. Симбиозата меѓу примарниот и секундарниот пазар е неопходна и берзата може позитивно да реагира на зголемена побарувачка на акции , но доколку тоа не е посериозно превземање на некоја компанија ваквата реакција би била само краткотрајна рефлексија со моментален ценовен скок по кој повторно би завладеала апатија. Во моментов, поради ниската ликвидност , пазарот регистрира ценовен скок или пад доколку еден или група на инвестироти со 20-30 илјади евра се одлучат да купат или продадат одредена хартија од вредност, што секако зборува за неговата „атрактивност“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Крсте Шајноски.

Mazedonische Börse
Македонската берзаФотографија: Petar Stojanovski

Нема раст без странски инвеститори

Континуираниот пад на индексите во изминатите три години според дел од аналитичарите е во линија со случувањата и на останатите регионални берзи. Отсуството на странските инвеститори и покрај добрите резултати на повеќето компании кои се во фокусот според Горан Марковски извршен директор на КП Публикум е резултат на повеќе фактори. Регионална политичка и економска нестабилност, нарушувања на правата на акционерите во одредени компании, управување на одредени компании исклучиво во интерес на менаџментот или доминатниот сопственик со маргинализирање на интересите на малцинските акционери. Растот на македонскиот пазар на капитал според него е можен доколку дојде до постепено враќање на странските инвеститори мотивирано од исцрпување на алтернативите за инвестирање на развиените пазари на капитал и подобрување на економските и политичките перформанси на регионот.

„Секако ако се има во предвид дека во првата половина од 2013 година повеќето компании бележат пад на финансиските резултати во однос на 2012 година, очекуваното подобрувањето на резултатите на компаниите во втората половина од годината како резултат на стабилизрањето и подобрувањето на состојбите во ЕУ ќе има позитивен ефект врз инвеститорите. Исто така, евроатлантските интеграции може да имаат силно позитивно влијание на домашниот пазар на капитал. Во услови на отсуство на ликвиден пазар на капитал би било добредојдено и одредено превземање на некоја од поголемите македонските компании што би значело ослободување на средства за инвестирање во акциите на останатите компании, и уште поважно би значело определување на реалната вредност на македонските компании како основа за вреднување и на останатие компании. Заштитата на интересите на малцинските акционери исто така позитивно ќе се одрази на пазарот на капиталот преку зголемена доверба на странските и домашните инвеститори“, смета Марковски.

Symbolbild Börse Börsianer Broker Aktien Börsenmakler Dax
Фотографија: picture-alliance/picture alliance / Bildagentur-online

Освен отсуството на странските инвеститори, позначаен, или речиси никаков ефект нема ниту задолжителната котација, законската обврска која ја “збогати“ берзата со понуда на акциите на над 100 компании. Сепак досега раздвижувањето се чувствува главно во делот на понудата на акциите, но не и на побарувачката. Проблем е што на македонскиот пазар на капитал речиси и да не се издаваат корпоративните обврзници, финансиски инструмент што може да привлече нови инвестиции. Ова според аналитичарите само покажува дека добар дел од сопствениците на компаниите не сакаат разводнување на сопственичката структура, или пак немаат доволно храброст преку емисија на нови акции да дојдат до свеж капитал.