1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Застрашувачко признание

12 август 2009

Терористите од т.н. група од Зауерланд го прекинаа молчењето и започнаа со подробни искази за планираните напади. Посебноста во процесот е оти двајца од обвинетите се Германци, кои конвертирале во исламска вероисповест.

https://p.dw.com/p/J811
Процес против терористите од групата ЗауерландФотографија: AP

Процесот пред Вишиот покраински суд во Диселдорф покажува колку е голема заканата за Германија. Набљудувачите можат да фрлат директен поглед врз дејствувањето на една исламска терористичка ќелија. Иако безбедносните власти веќе добро ги расветлија тајните на групата од Зауерланд, слушнатото од исказ на член на ќелијата околу тоа, зошто сакал да изврши терористички напад во Германија, наведува на сосем поинакви заклучоци.

Фриц Геловиц, според претпоставките водач на групата, зборува дека сакал да води света војна - џихад, се’ едно каде - во Ирак, Чеченија или Авганистан. Чиста случајност е што се нашол во Пакистан во логор за обука на исламска група од Узбекистан. Кога тој раскажува дека заедно со соучесниците си играле некој вид криенка со Службата за заштита на уставот, јасно станува дека немале никаков страв од безбедносните власти. Групата, се чини, западнала во некој вид фантазија за семоќност. За безбедносните власти тоа значи дека таква група не ја заплашува ни јавна потрага по неа.

Deutschland Terror Sauerland Prozess der Angeklagte Fritz Gelowicz
Обвинетиот Фриц ГеловицФотографија: AP

Искажувањето на наводниот предводник понекогаш имаше и комични аспекти. Тој со гордост зборуваше колку добро го владеел конспиративниот начин на однесување. Сметките за изнајмени автомобили ги плаќал во готово, за да нема докази на тековната сметка за преземените патувања, на кои од истите причини не го носел ни мобилниот телефон. Набљудувачите на процесот повремено имаа чувство дека се наоѓаат во некој лош криминален роман.

На друга страна, описите на терористичкиот логор во Пакистан беа застрашувачки. Таму младите мажи биле подложни на дрил, за во Европа да шират ужас во најголема можна мера. На инструкторите, се чини, им било се’ едно каде треба да се случи тоа. Германија била избрана оти двајцата посетители на обуката најдобро ја познаваат. За иследниците од ова произлегува сознание дека не може веќе да се смета оти зад исламистичките напади најчесто стои рационален план, за некој да биде казнет или да биде наведен да донесе некакво конкретно решение. Терористи од типот на Фриц Геловиц изгледа се непредвидливи и тоа им ја отежнува работата на безбедносните власти.

Автор на коментaрот: Јоахим Хаген

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска