1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затворени гласачките места

5 јуни 2011

Во 19 часот се затворени избирачките места на кои македонските граѓани можеа да гласаат на парламентарните избори. По затворањето, можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа

https://p.dw.com/p/11Uom
Фотографија: MIA

Во трка за123 пратенички места во македонското Собрание беа 1.679 кандидати, предложени од 16 партии и две коалиции. За нив, на 2.976 гласачки места можеа да се определат 1.821.122 граѓани со право на глас, евидентирани во Избирачкиот список.

Според последните податоци што ги објави ДИК, одзивот до 17 часот е 53,86 отсто, односно на гласање излегле 928.983 граѓани. Овие информации се врз основа на обработени податоци од 2.775 избирачки места, од вкупно 2.967 во земјата, заклучно до 17 часот.

Првпат, тројца пратеници во Собранието се избираа од дијаспората. Во трите изборни единици во странство - Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, можеа да се изјаснат 7.258 македонски државјани, кои се пријавија за гласање во дипломатско-конзуларните претсавништва. Гласањето на дијаспората се одржа вчера (04.06), кога избирачкото право можеа да го остварат и 2.222 лица кои се во притвор или на издржување казна затвор, 407 внатрешно раселени лица, како и околу 11.000 болни и изнемоштени.

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Државната изборна комисија првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, по нивниот прием. Првичните резултати добиени врз основа на податоците од записниците на општинските изборни комисии ги објавува 12 часа по завршувањето на гласањето, а конечните во рок од 24 часа по нивната конечност.

Изборите се спроведуваат според пропорционалниот модел во шесте изборни едници на територијата на Република Македонија, а според мнозинскиот во трите изборни единици во странство.

Парламентарните избори ги следеа 7.851 набљудувачи акредитирани во Државната изборна комисија, од кои 7.358 домашни и 493 странски.

Автор: ЕМФ/миа

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема