1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

4 јануари 2011

Економски пулсирања - избор од стопански вести: блокада на живинарски фарми во Германија, повторно американски дупчења во морското дно, расте бројот на приватни банкроти во САД...

https://p.dw.com/p/ztWN
Фотографија: www.BilderBox.com

Во повеќе германски сојузни покраини е блокирана работата на живинарски фарми, за да се спречи месо или јајца загадени со диоксин да се најдат во продавниците. Диоксинот е многу отровен и може да предизвика рак кај луѓето. Тој е откриен во храната за живината, а потекнува од остатоци на масти при производството на био-дизел гориво. Такви масти преработувал еден производител на храна за живината од покраината Шлезвиг-Холштајн, иако биле јасно означени дека се погодни само за техничка индустрија. Блокадата на живинарските фарми е „соодветна“ мерка, оти заштитата на потрошувачите има предност, оцени Здружението на живинарската индустрија од покраината Долна Саксонија, која исто така е погодена од скандалот.

САД повторно одобруваат дупчења во морското дно

Американската влада ја олабави постапката на одобрување на дупчења на морското дно во истражување на наоѓалишта на нафта. Десетина концерни добија одобрувања да продолжат со веќе започнатите истражувања, кои беа запрени со мораториумот воведен од владата по катастрофата на платформата на „Бритиш петролеум“ во Мексиканскиот залив.

Расте бројот на приватни банкроти во САД

Американскиот институт за банкроти соопшти дека 1,53 милиони Американци минатата година пријавиле дека не се платежно способни, што претставува девет проценти повеќе приватни банкроти отколку во 2009 година. Институтот и годинава очекува да продолжи таквиот тренд, а како причина го наведува големата презадолженост и забавениот пораст на приходите.

Во Австралија рудниците за јаглен погодени од поплавите

Последиците од катастрофалната поплава во Австралија се одразија и врз 35 проценти од извозот на јаглен. На Австралија отпаѓа повеќе од половината од вкупниот светски извоз на кокс-јаглен, битен енергетски извор за производството на челик. Нивото на водата во најважниот регион на рудниците за јаглен малку опадна, но и натаму е многу високо.

Автор: УК/МЛ/ЗЈ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска