1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заштита на морето на италијански начин - со бетон против рибокрадци

Георг Келер / Зоран Јордановски24 декември 2012

Не сите рибари го искористуваат морето на правилен начин и често го деградираат животинскиот свет во морските длабочини. За да го спречи тоа, италијански рибар се сети да постави во морето бетонски блокови со куки.

https://p.dw.com/p/16pXj
Фотографија: AP

Тивко рибарско село на западниот брег на Италија. Паоло Фанчули на прв поглед е сосем обичен рибар, но првиот впечаток залажува. Кога оди на риболов, на своето рибарско бротче „Сирена“ тој зема и туристи со себе, за да им покаже каде и како живеат рибите во тој дел на Средоземното море. Нагледната настава започнува уште со упатувањето кон ловните подрачја.

Fischerei Trawler legt in Kilkeel ab
Туристи можат да се уверат во ефектот од изумот на рибаротФотографија: CC BY-SA-Albert Bridge

Паоло работи само со мрежи, кои, со оглед на ширината на отворите, ги поштедуваат младите риби и овозможуваат лов само на риби со одредена големина. Пред повеќе години тој констатира дека мрежите стануваа се’ попразни и сфати дека морето не смее произволно да се експлоатира.

„Туристите доаѓаат в лето и ја гледаат само убавата страна на морето. Но, морето има проблем! Во нашиов потрошувачки свет 90 проценти од производите што ги користиме, завршуваат в море. Средства за растворање и сапуни и’ штетат на природата, но и на луѓето, кои се’ почесто се алергични“, објаснува рибарот Паоло Фанчули.

Тој се бори и против рибарење со мрежи, кои се забранети со прописите на ЕУ. Во такви мрежи само во италијанските води секоја година угинуваат илјадници делфини.

„Уште од 1986 година се борам против тој илегален начин на рибарење, но и денес уште рибарите го уништуваат морското дно. На влечните мрежи се ставаат тешки синџири, кои го разоруваат морското дно, со што се уништува и животниот простор на рибите. Но, многу луѓе не го знаат тоа, не знаат каква риба доаѓа на пазарот, кој и како ја уловил. Навистина, во последните години некои луѓе водат сметка за тоа, да купуваат риби уловени со одржлив начин на рибарење“, раскажува италијанскиот рибар.

Паоло Фанчули применува и драстични средства. Со подршка на властите, тој на морското дно поставува стотици издупчени бетонски блокови, на кои се наоѓаат куки. Блоковите им нудат заштита на малите риби, а куките им ги кинат мрежите на несовесните рибари-ограбувачи на морето. На тој начин во меѓувреме рибниот фонд е подобрен. Паоло Фанчули, се разбира, мисли и на својата егзистенција. Тој смета дека е нужна рамнотежа на два фактора: ползата и заштитата. За да може и во иднина да живее од морето, тој сака да ги освести луѓето.

Bildergalerie bedrohte Tier- und Pflanzenarten Hering
Популацијата на рибите е зголеменаФотографија: picture-alliance/Evolve/Photoshot

„Морето ни припаѓа на сите и секој од нас е одговорен за негова заштита. Ако тоа не се всади во главите на помладата генерација, никогаш не ќе можеме да ја запреме експлоатацијата на морињата“, вели Фанчули.

Главата е една работа, стомакот друга. Гостите на Паоло веднаш дознаваат каков е вкусот на штотуку уловена риба. Сурова или печена на скара, директно од морето, таа е вистинско уживање. И на ваков начин, смета Паоло, се осознава колку е важно да се постапува против безобѕирната експлоатација на морињата. Во Марема се чини дека тоа е успешно - многумина рибари во меѓувреме го следат примерот на Паоло Фанчули.