1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Америка доаѓаат подобри денови

20 април 2009

Без завршна декларација, но успешен, е оценка за петтиот самит на Организацијата на американските држави, кој заврши во Порт оф Спеин, во Тринидад и Тобаго. Тој значи нов почеток во односите меѓу САД и Латинска Америка.

https://p.dw.com/p/HaS0
Дел од учесниците на самитот во Тринидад и ТобагоФотографија: AP

„Како раѓање нов, посветол и поубав ден“, ваков биланс на самитот на државите од Америка извлече домаќинот, премиерот на Тринидад и Тобаго, Патрик Манинг. Се дискутираше на рамноправно ниво, па и меѓу САД и малите карипски држави, а хармонично и соломонски беше избегната дури и последната пречка. Во еден момент се закануваше скандал, кога петмина левоориентирани претседатели околу венецуелскиот, Хуго Чавез, одбија да го потпишат завршниот документ. Вешто решение: не го потпишаа ни другите учесници, туку само домаќинот.

Нова улога на САД

Американскиот претседател Барак Обама не само што зборуваше за нова ера, туку и лично поинаку се однесуваше со своите колеги. Дури и со Хуго Чавез, од кого го делат политички светови, но кого го почитува како демократски избран претседател. Обама вака ја објаснува својата улога:

„Да се слуша, а не само да се зборува. Имаме точни претстави во каква насока треба да се движи меѓународната заедница, но гледаме дека и другите земји имаат добри идеи, па и малите, затоа сакаме да ги чуеме. Секој учесник на самитот е демократски избран, тоа не е случај само со Куба.“

Obama und Calderon in Mexico
Барак Обама и Фелипе КалдеронФотографија: AP

Што можеше да научи Обама

На односите со Куба може да се види каде оди американската политика. На следната средба на министрите за надворешни работи од американските држави налето, на дневен ред може да стигне и повторниот прием на Куба. Но, укинувањето на ембаргото, кое беше постојано актуелизирано на самитот, се‘ уште не е тема. Обама го прашаа што научил при слушањето: „Кога претседателите зборуваат за Куба, во говорите секогаш ги споменуваат илјадниците кубански лекари, кои работат насекаде во регионот. Помош која им е потребна на многу земји. Тоа е опомена за нас, нашата единствена размена на влијанија со овие земји не смее да биде поради дрогата или воените акции. Мораме да согледаме дека воената сила е само едната наша рака. Мораме да бидеме повешти со дипломатијата и нашата развојна помош. Луѓето треба да почувствуваат конкретно подобрување во животот како последица на американската надворешна политика.“

Со овој самит заврши преодниот период на конфронтации по крајот на студената војна, резимираше претседателот на Хондурас, Мануел Целаја кој се вбројува меѓу блиските пријатели на Хуго Чавез.

А, претседателот на Мексико, Фелипе Калдерон дополни - за Америка по овој самит доаѓаат подобри денови.


Автор: Михаил Кастрициус/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска