1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За аранжман со ММФ не се ни разговарало

14 мај 2009

Македонија останува без аранжман со Меѓународниот монетарен фонд. По еднонеделната мисија, тимот на ММФ си заминува од Скопје.

https://p.dw.com/p/Hpx4
Фотографија: picture-alliance/ dpa/ AP/ Montage DW

На завршната прес конференција. министерот за финансии, Трајко Славески и новоименуваниот шеф на Мисијата на ММФ за Македонија, Вес Мекгру изјавија дека воопшто не било разговарано за аранжман. Фондот останува отворен да разговара за обезбедување помош за Македонија на начин и во форма кои ќе и‘ бидат од најголема полза. Останува за тоа да одлучи Владата, рече Мекгру. Тоа се однесува и на евентуално зголемување на буџетскиот дефицит, додаде тој, за што било разговарано во одредени случаи.

Проекциите на ММФ и на македонската влада делумно се разликуваат

Министерот Славески изјави дека се согласува со препораките за претпазливост при економските проекции, заради што постои подготвеност за приспособување на регионалните и светските прилики, но оти Владата по неколку прашања има различни проекции од оние на ММФ. Министерот Славески рече дека оптимизмот - дека Македонија сепак ќе забележи раст во 2009 - се темели на поволните вести од пазарите за стоки. Индексот на цените на стоките е зголемен за 20 проценти во однос на јануари. Тоа го следи и растот на цената на нафтата. Цената на челичните лимови, бакарот и други македонски извозни производи од металургијата се веќе во нагорен тренд, изјави министерот Славески.

Ако зашкрипи, ММФ е тука

Прашан за очекувањата на Владата за раст од еден насто, Мекгру вели дека проектирањето на економскиот раст не е егзактна наука, но споредено со очекувањата на земјите од регионот, прогнозите се оптимистички. Според проценките на ММФ, БДП на Македонија оваа година изнесува минус два процента. Владините економски политики за стабилна домашна валута преку врзувањето на денарот со еврото добро функционира, кажа шефот на Мисијата на ММФ, но доколку дојде до значително намалување на девизните резерви, ММФ е секогаш една од опциите.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска