1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За да се интегрираш, треба да се чувствуваш добредојден

14 мај 2010

Раководителот на организацијата за образование, обука и преквалификација „Bildungswerk“ од Кројцберг, Нихат Соргеч, беше гостин на самитот со муслиманските претприемачи, организиран од американскиот претседател Обама.

https://p.dw.com/p/NAow
Нихат Соргеч, германски претприемач со турско потеклоФотографија: AP

Неодамна околу 150 муслимански претприемачи од цел свет беа гости на американскиот претседател Барак Обама на самитот што тој го организираше. Целта на самитот беше јакнење на врските меѓу топ менаџерите, фондациите и фирмите од муслиманскиот свет и САД. Како претставник на турската заедница во Германија учествуваше раководителот на организацијата за образование, обука и преквалификација „Bildungswerk“ од Кројцберг, Нихат Соргеч.

Со упорност до високо образование

Нихат Соргеч на 14 годишна возраст стигнал од Турција во Германија, каде веќе живееле неговите родители. Не знаел ниту еден германски збор, јазикот го научил преку читање, во библиотека читал се‘ што му дошло до рака. Успеал најпрво да заврши основно училиште, а потоа вечерна гимназија. На 22 години ги започнал студиите по машинство, по желба на татко му. Покрај студиите, работел како раководител на тим, кој се грижел за подобро искористување на слободното време на младите.

Nihat Sorgec
Нихат Соргеч и американскиот амбасадор во Германија, Филип МарфиФотографија: picture alliance/dpa

Очигледно му станала неговата предиспозиција за работа со млади. Заради неа го напуштил работното место инженер и во 1988 година се вработил во „Bildungswerk“, организација за образование, обука и преквалификација во Кројцберг која, во меѓувреме, тој ја води веќе 13 години. Нихат Соргеч се залага за подобра општествена и економска интеграција на мигрантите: „Мораме да се обидеме овие луѓе и емоционално да ги продобиеме во општеството. Тие мора да се почувствуваат добредојдени за подобро да се идентификуваат со општеството. Тоа е и основата на интеграцијата, а образованието е натамошна можност кон таа цел.“

Шанса за младите и постарите мигранти

„Bildungswerk“ од Кројцберг им овозможува обука и образование на младите со мигрантско потекло во повеќе од 25 различни области. Организацијата се грижи за отворање можности за квалификација на доселениците. Зашто, според Соргеч, само девет проценти од мигрантите по потекло од Турција учествуваат во програмите за натамошно образование, додека кај Германците тој процент е 30.

Nihat Sorgec
Фотографија: picture alliance/dpa

Соргеч особено ја истакнува категоријата на социјално запоставени млади, за кои се тврди дека е тешко да се мотивираат. Но, ангажманот на „Bildungswerk“ од Кројцберг покажува дека тоа е можно. Според Соргеч, околу 86 проценти од нив ги полагаат испитите, што е успех кој охрабрува. Десетици илјади млади дошле до диплома или работна квалификација преку помошта од оваа организација, a тежиште во работата на „Bildungswerk“ од Кројцберг е и преквалификацијата на возрасните.

Тоа е патот по кој Соргеч сака да продолжи: „Како претприемачи со турско потекло, ние носиме одговорност не само за општествена интеграција на мигрантите кои живеат во Германија и со тоа за подобри шанси за иднината на оваа земја, туку и за поголемо разбирање и толеранција меѓу светските религии ислам, еврејската и христијанската.“

Покрај главната работа како раковидител на „Bildungswerk“ во Кројцберг, Нихат Соргеч е ангажиран и волонтерски, меѓу другото, тој е заменик-претседател на Турско-германската индустриска и трговска комора, член на управниот одбор на Иницијативата на европските Турци во Берлин и на здружението „Windows on America.“ Тоа пред се‘ има цел на младите со муслиманско потекло да им долови реална слика на САД и да врши размена на млади.

За неговиот социјален ангажман, Нихат Соргеч, кој е член и на германската Исламска конференција, во 2008 година доби сојузно одликување - Крст за заслуги.

Автор: Сабине Рипегер/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска