1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За независност големо мнозинство?

20 јануари 2011

Граѓаните на најмалку седум од десет сојузни држави во Јужен Судан се изјасниле за независност на овој дел до земјата.

https://p.dw.com/p/zzjG
Фотографија: AP

Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на официјални лица, јавува дека во дел од сојузните држави согласноста за независност е дури 90%.

Податоци од останатите три сојузни држави во Јужен Судан се‘ уште нема. Референдумот што се одржа од 9 до 15 јануари е дел од мировниот договор потпишан во 2005 година, а со кој беше ставен крај на 20-годишната граѓанска војна. Во војната животите ги загубија најмалку два милиона луѓе. Детали за тоа како би требало да изгледа идниот однос на двете судански држави нема. Меѓу другото, отворено е прашањето каде точно ќе минува границата и како ќе се делат парите од нафтата.

Südsudan Mann mit Südsudan-Flagge
Фотографија: DW/Schlindwein

Советот за безбедност на ОН денеска го пофали мирниот тек на референдумот во Јужен Судан. Истовремено, Советот ги повика двата дела на земјата да ги признаат резултатите од референдумот. Инаку, југот на Судан е населен претежно од христијани и верници од африканските религии, додека на северот има претежно муслимани. Доколку конечните резултати потврдат дека избирачите се изјасниле за независност, на 9 јули треба да биде прогласена новата, 54-та африканска држава. Судан, кој со 2,5 милиони квадратни километри има најголема површина од африканските земји, на тој начин ќе загуби една четвртина од територијата.

Автор: ЕМФ/ЖА/ртр

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска