1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За „несреќата да се биде Грк“

Иван Кулеков29 март 2012

Книгата „Несреќата да се биде Грк“ напишана од грчкиот филозоф Никос Диму пред 37 години, денес се чини уште поактуелна. Како авторот да ја имал на ум денешната должничка криза. Еве што вели Диму во интервју за ДВ

https://p.dw.com/p/14UCz
Никос ДимуФотографија: Penelope Massouri

ДВ: Г-дине Диму зошто е несреќа да се биде Грк?

Грците имаат континуиран идентитетски проблем. Кога бевме ослободени од стегите на Отоманската империја во 1830 година, околу 90 отсто од Грците беа селани. Тогаш немаше средна класа како во Западна Европа, немаше ниту Ренесанса или Реформација. Сите овие точки на развојот кои ја формираа основата на денешна модерна Европа, се’ уште недостасуваат во Грција. И поради тоа ние се’ моравме да правиме набрзина. Но во истовреме, Грците беа натерани да веруваат дека се нешто посебно, нешто подобро од остатокот од Европа, имено возвишени синови и ќерки на најголемата цивилизација која било кога постоела на земјата.

Денес, ние сме многу горди што сме наследници на Аристотел и Платон, но во исто време, тоа е и помалку депримирачки. Имате чувство дека сте син на уметник или на добитник на Нобелова награда кој самиот никогаш не сторил ништо, а постојано се споредува со својот славен родител.

ДВ: Постои ли некаква врска меѓу таа идентитетска криза и оваа актуелнава криза?

Да, секако. Нашиот идентитетски проблем е во срцето на грчката душа, и нашата врска со Европа, како резултат на тоа, е мешавина на љубов и омраза. Ние сме завидливи кон напредните нации како Германија и Франција и многу сакаме да бидеме како нив, но од друга страна, имаме навика да не му веруваме на Западот и да ги извезуваме причините за нашите проблеми, убедувајќи се себеси дека злите странски сили се одговорни за нашите проблеми. Тоа можевте да го видите и во последниот период со начинот на кој нашите медиуми ја портретираа германската канцеларка Ангела Меркел, како главен виновник за грчката криза.

Buch Buchcover NIkos Dimou Über das Unglück, ein Grieche zu sein
Книгата е преведена на десетици странски јазики

ДВ: Колкаво е влијание на Грчката православна црква врз општеството?

Црквата се уште има преголемо влијание во Грција. Секојпат кога државата се обиде да стори нешто што не и одговораше на црквата, црквата излегуваше како победник од тој судир. Мислам дека грчката црква е толку богата што може да го отплати државниот долг за два дена. Мислам дека е многу погрешно тоа што во Грција црквата наплаќа дел од данокот од сите граѓани, без разлика дали се тие верници или не. Мнозинството од моите сонародници во црква одат за Божик и за Велигден, за нив православната религија е дел од традицијата и дел од националниот идентитет.

ДВ: Можеше ли да се предвиди доаѓањето на должничката криза?

Факт е дека јас ги предупредив моите сонародници уште долго пред ова да се случи. Ние Грците одсекогаш трошевме премногу пари, вработувавме премногу јавни службеници и дури се залетавме да ги организираме Олимписките игри во 2004 година! Ваквото однесува ме потсетува на сиромашните семејства кои се задолжуваат „до гуша“ за да организираат скапа свадба за нивните деца. Ние едноставно не можевме да си ја дозволиме Олимпијадата. И најлошото од се’ беше дека, се разбира, ја организиравме во грчки стил. На почетокот беше предвидено таа да чини неколку милијарди драхми, но на крајот ја надминавме таа сума за десетпати... Подготовките почнаа лошо, а потоа одеднаш ни останаа само 6 месеци за да ја завршиме сета работа. Единственото решение беше да се фрлаат повеќе пари за да се забрзаат проектите.

ДВ: Каде ја гледате земјата за 10 години?

Без двоумење светот ќе продолжи да се развива, а Европа ќе ја надмине нејзината криза. Но не очекувам јас да бидам жив кога тоа ќе се случи. Сега имам 77 години и дури и да поживеам уште 10 години не верувам дека ќе го дочекам крајот на кризата. На Европа и на Грција ќе им преостане уште долг пат...