1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За новата мандатарка на словенечката влада ќе се гласа во среда

ЕМФ/хина23 февруари 2013

Предложената мандатарка за состав на нова словенечка влада Аленка Братушек и сегашниот премиер Јанез Јанша, чија коалиција се распадна, во среда ќе ги претстават своите погледи за излез од кризата.

https://p.dw.com/p/17kcD
Фотографија: Fotolia/Robert Kneschke

Вонредната седница на која ќе се гласа за Аленка Братушек како мандатарка ќе се одржи на 27.02.2013. Претходно, Братушек треба да ја претстави својата програма за излез на Словенија од политичката и економска криза. Во случај да добие доверба, најдоцна во рок од 15 дена таа треба да предложи листа со министри за кои повторно ќе се гласа.

Четирите партии кои ја поддржуваат кандидатурата на Братушек и се договараат за преодна влада имаат 49 од вкупно 90 пратенички места, па изборот на новата мандатарка е извесен, иако гласањето е тајно, оценуваат денеска (23.02) словенечките медиуми. Доколку биде избрана, Аленка Братушек би била прва жена премиер во историјата на земјата.

Janez Jansa Premierminister Slowenien
Јанез Јанша ќе наброи што е сторено за една година за излез од кризатаФотографија: AP

Пред говорот во кој Братушек ќе ја претстави својата програма, сегашниот премиер Јанша ќе одговори на барањето на четирите партии да се изгласа недоверба на неговата влада и ќе зборува за мерките кои неговиот кабинет во рок од една година ги презел за излез од кризата и за фискална консолидација, наведуваат медиумите.

Според прогнозата што ЕУ ја објави вчера, Словенија оваа година е соочена со пад на брутодомашниот производ за два процента, со што земјата ќе се најде во врвот на земјите во еврозоната со најголем пад на стопанска активност. Освен тоа, според оценките на Брисел, Словенија нема да успее да го намали буџетскиот дефицит на под три проценти, туку тој на крајот на годината ќе изнесува 5,1% од БДП.