1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За прашањето на името е потребна поголема флексибилност од двете страни

6 октомври 2009

Што ќе донесе промената на власта во Грција на внатрешно политички план и во односите со соседите? На овие прашања одговара професорот по политички науки и заменик претседател на Друштвото за ЈИЕ, Хајнц Јирген Акст.

https://p.dw.com/p/Jy2e
Хајнц-Јирген АкстФотографија: DW

Граѓаните на Грција беа незадоволни од владата на Костас Караманлис и многу повеќе ја казнија Нова Демократија отколу што избраа нова опција, оценува професорот Хајнц Јирген Акст. За проблемот со името со Македонија Акст истакнува: „Што се однесува до прашањето со името на Македонија, сметам дека е неопходно Грција да се дистанцира од ставот на блокада, кој беше спроведен на пример при самитот во Букурешт во 2008 година и да заземе пофлексибилен став. Тоа се разбира значи дека и конзервативната влада во Скопје би требало да покаже желба за соработка. Како што се слуша, медијаторот Нимиц ќе тргне повторно со нови предлози во чантата, што можеби и не е лошо за да се испита флексибилноста на двете страни и да се види дали се подготвени на нешто повеќе отколку во минатото.“

Политка на приближување кон Турција

Во однос на грчко-турските односи, Акст оценува: „Што се однесува до грчко-турските односи Папандреу би можел да ја продолжи политиката на Симитис во периодот меѓу 2000-тата и 2004-тата година, односно поттикнување на политиката на приближување на Турција кон ЕУ. Перспективите од страна на турската влада под раководство на АКП не се толку лоши, за да може да се постигне внимателно приближување на ставовите. Владата на Караманлис во минатото презема малку за да испроба - колку Турција би можела да им излезе в пресрет на грчките барања.“

Грција ја очекуваат тешки реформи

Акст не очекува поголеми проблеми во односите на Грција со Европската унија, бидејќи на сите им е јасно во каква економска ситуација се наоѓа Грција и дека сега треба да се вложат напори таа да биде надмината. Професорот по политички науки оценува и дека победничката ПАСОК сега ќе треба да одговори на очекувањата на избирачите кои на партијата и’ ја дадоа довербата. „Папандреу, како што ќе мораше да постапи и Караманлис, сигурно ќе мора да донесе болни одлуки и нема да може да одбегне многу реформи кои Грција со години ги одложува. Тоа ќе биде болно, но државните задолжувања на Грција нема да можат да бидат ставени под контрола на поинаков начин“, истакнува професор Ханс Јирген Акст.

Автор: Виви Папанајоту / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска