1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За титулата на Челзи над една милијaрда евра

ЕМФ/дпа20 мај 2012

Неубаво, но неверојатно ефикасно - Челзи триумфираше во ЛШ со стил кој не е во мода, но се покажа исплатлив. Тренерот Ди Матео за два месеца стана бесмртен, но сепак, јунак на вечерта беше Дидие Дрогба.

https://p.dw.com/p/14z1w
Фотографија: Reuters

Тимот на Челзи танцуваше во кабината на полноќ, а во луксузниот хотел Дрогба и компанија ја славеа победата во Лигата на шампионите се‘ до утринските часови. „Мислам дека сме извонреден шампион. Го заслуживме ова“, нагласи човекот на натпреварот, Дидие Дрогба, кој беше преплавен со комплименти од сите страни.

Челзи денеска (20.05) потврди дека во неделава што претстои ќе се водат преговори за нов договор. „Ние мора да го направиме она што е најдобро за нас, а Дидие да го направи она што е најдобро за него“, го цитираат британските медиуми првиот човек на управата на клубот, Брус Бак. Се преговара пред се‘ за траењето на договорот - Дрогба сака договор на две години, а Челзи нуди договор на само 12 месеци.

Champions League Finale Mai 2012 FC Bayern München gegen FC Chelsea
Дидие Дрогба по постигнатиот гол против БајернФотографија: picture-alliance/dpa

Дрогба вчера придонесе за остварување не само на своите цели и соништа, туку помогна за реализација на повеќе приказни - Челзи, предводен од старата гарда, го слави најголемиот успех во својата 107-годишна историја, а тренерот Роберто ди Матео за два месеца од човек за помош стана цар.

Тренерот формираше тим од остарениот ансамбл ѕвезди на Челзи, од кои многумина беа и во драматичното финале пред четири години, против Манчестер Јунајтед, кога исто така се изведуваат пенали. Челзи тогаш загуби. Овојпат, во финалето, тимот оптимално ја искористи шансата. Со дефанзивна тактика, по Барселона, совладан беше и Бајерн.

Champions League Finale Mai 2012 FC Bayern München gegen FC Chelsea
Роман Абрамович не дава изјави за судбината на тренеротФотографија: dapd

Сопственикот на клубот Роман Абрамович од 2003 година досега има вложено една милијарда евра во Челзи. „Сопственикот веруваше во нас, му симнувам капа нему и на играчите“, нагласи Тери, кој поради црвениот картон не играше во Минхен. Абрамович не веруваше многу во досегашните тренери - Ди Матео е осми тренер по ред откако рускиот олигарх го презеде клубот. Дали сега ќе следува и деветтиот е отворено прашање. На маргините на финалето Абрамович не се изјасни околу ова прашање.

Екипата на Челзи напладне си замина од Минхен за Лондон, каде во отворен автобус шета низ улиците на Лондон. „Пенал-убиецот“ Чех има уште една дополнителна причина за славје - тој наполни 30 години. „Пред натпреварот реков дека не сакам торта ако победиме“, изјави Чех. Трофејот е неговиот најдобар подарок.