1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За четири дена околу светот без куфер

16 јули 2009

„Свич“, за четири дена околу светот, се вика омилениот проект за одмор на деца во градот Хамбург. Идејата потекна од една жена по потекло од Иран: за да се запознаат странските култури, не мора да се лета со авион.

https://p.dw.com/p/ImOY
Фотографија: picture-alliance/ ZB

За да се запознае светот, во германските градови е доволно да се посетат соседите. Токму тоа го направија досега околу 500 деца. Оној кој сака, со здружението „Свич“ може да запознае повеќе од 50 култури, а децата уживаат во одморот. Тие посетуваат семејства на странци и преку нивните раскажувања, јадењата, игрите, ги запознаваат различните култури и обичаи.

На гости во Гана

Во Кујната на Акусика Папе се шират примамливи миризби. Акусика е од Гана, има фризура со бројни тенки плетенки, а со својот син Себастијан веќе долго живее во Хамбург. Во северна Германија традиционално се јаде „Лабскаус“, еден вид пире од потсолено месо и риба со цвекло. Но денеска, гостите, деветгодишната Сара и нејзината пријателка ќе вкусат специјалитети од старата татковина, Гана. Голема загатка што се вари во тенџерето? „Тоа се топчиња ориз, на јазиот во Гана тоа се вика ’Емонтио’. Оризот се вари и од него се прават топчиња, со него направив супа од кикиритки и пилешко. Децата добро се најадоа.“

Bildergalerie Auswärtsspiel Ghana. Die kleine Eckkneipe von Mama Janet
Што се јаде и пие во Гана?Фотографија: Maurice Gully

На пример Сара. Таа не уживаше само во јадењето, туку и во новонаучената игра: „Калахар е дрвена плоча која може да се склопува, на секоја страна има четири дупчиња, не шест, а во секое од нив доаѓаат четири камчиња, треба секогаш од нив да се земаат четири камчиња и кој има најмногу, победува.“

Во тропската стаклена градина групата на крајот учи какви растенија растат во Гана: памук, банани или какао. Сара е фасцинирана: „Растенијата ми се многу интересни. Вакво нешто се учи само по биологија, а тоа досега не сме го правеле. Ниту тоа да јадеме со раце. Тоа не се работи какви што ние ги имаме, како Плејстејшн и слично. “

Кој сака јапонско „суши“?

„Здраво луѓе, ’суши’ е навистина вкусно јадење“, вели Кенуи Лау, кој има 14 години и е домаќин во станицата за Јапонија. И покрај неговите пофалби „суши“, малите парчиња ролат од сирова риба или месо од школки со студен ориз, завиткани во алги, кај поголемиот дел од тинејџерите не се толку омилени како помес, пржени компирчиња и кечап.

Japanische Mädchen beim Essen
Јапонски специјалитетиФотографија: AP

„Реакцијата кај педесет проценти досега не беше, да речам одушевување, но другите 50 насто јадеа ’суши’ и им се допадна. Мислам дека на возраст од 11, 12 години најголем дел од децата не се многу расположени кон зеленчукот.“

Деветгодишниот Георг има среќа, на неговото „Свич“ патување беше во посета кај една писателка, Изабел Абеди. Таа е мажена за Бразилeц. Дејството во една од нејзините книги се одвива на еден бразилски остров. Приказните и средбата и‘ дадоа полет на фантазијата на Георг: „Си претставувам, дека таму нема толку многу автомобили, туку повеќе се пешачи.“

Патување без куфер

Вакво патување низ културите и земјите во светот без куфер, во град, од куќа до куќа, помага за учење и носи многу изненадувања. „Мене многу ми се допадна. Зашто, други земји, имаат други обичаи,“ вели Лаура. „Научив дека ’Мек Доналдс’ навистина доаѓа од Америка и дека таму јадат речиси само палачинки, по 20, 30, и дека ајранот во Турција не се прави од млеко, туку од јогурт, вода и сол,“ дополнува Рубен.

Лаура и Рубен Шихи се од Германија. Бидејќи сите деца не се само гости, туку истовремено и домаќини, треба и тие нешто да им покажат на другите. Што би можело да биде интересно за другите, а е посебно карактеристично за едно мало село од близината на Хамбург? „Па, како се живее на село, на пример, да галиш кокошка“, предлага Лаура. „И дека тука нема големи фабрики како во градот. Таму има големи згради, а овде има само мали, мини фабрики. Дека овде не е се‘ на струја. Дека јајцата се собираат рачно, а така се кубат и пердувите“, се досетува и Рубен.

Автор: Уте Хемпелман/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска