1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

240111 Reax Palestinian Papers

24 јануари 2011

Телевизијата Ал Џазира открива доверливи документи околу израелско-палестинските мировни преговори. Од нив произлегува дека Палестинците биле подготвени на големи отстапки. Палестинските власти зборуваат за „врзоп лаги“.

https://p.dw.com/p/101hN
Ал Џазира почна со објавување стотици документиФотографија: AP

Според документите за мировните преговори со Израел, објавени од телевизијата Ал Џазира и британскиот весник „Гардијан“, Палестинците биле наводно подготвени да направат големи отстапки по две од најтешките прашања во преговорите - статусот на Ерусалим и судбината на палестинските бегалци. Тие се согласиле наводно Израел да задржи делови од Источен Ерусалим. Палестинската автономна власт категорично ги отфрли тврдењата на телевизијата Ал Џазира.

Размена на територии

Водечки членови на палестинските автономни власти документите ги нарекоа „врзоп лаги“ и „полувистини“. Се вели дека делови од документите се манипулирани. Објавувањето е со цел да го насочи палестинското население против автономните власти, изјави главниот палестински преговарач Саеб Ерекат. Ерекат во изјава за „Ал Џазира“ се спротивстави на обвинувањето дека биле ставени на коцка националните палестински интереси и укажа на компромисниот предлог за размена на територијата - еврејски доселенички населби за територија во Израел:

Karte Israel Gaza und Westjordanland
Израел, Појасот Газа и Западниот брегФотографија: AP Graphics/DW

„За размена на територии беше разговарано во Кемп Дејвид, во времето на претседателот Јасер Арафат. Олмерт презентираше карта, според која на 6,5% од окупираните територии се изградени населби. Во замена, ние требаше да добиеме 5,8% од земјата во рамки на израелските граници, плус 0,7% што требаше да ги добиеме во облик на безбеден пат меѓу Појасот Газа и Западниот брег.“

Хамас гледа потврда на своите критики за Фатах?

Ерекат демантира дека во 2008 година, за време на тогашната влада на Олмерт, имал намера на Израел да му ги препушти речиси сите еврејски населби во анектираниот, источен дел на Ерусалим. Од досега публикуваните документи произлегува и дека автономните власти сакале да го признаат Израел како држава на еврејскиот народ. Документите ги ставија под голем внатрешно-политички притисок автономните палестински власти, во кои доминира движењето Фатах. Ова дотолку повеќе што Хамас, кој владее во Појасот Газа, може да гледа потврда за своите постојани критики на начинот на водење на преговорите од страна на Махмуд Абас.

Saeb Erekat
Саеб ЕрекатФотографија: picture alliance/dpa

Осама Хамдан од раководството на Хамас во Либан, за англиската програма на Ал Џазира, изјави: „Овие водачи на преговорите не преговарале за палестински права, туку за она што Израел можеби би го прифатил, што Американците евентуално би го поддржале, а не за она што го очекуваат Палестинците. Мислам дека е тоа клучно и тоа е она поради што сметам дека тие го предале својот народ.“

Либерман: Патот е долгорочно меѓурешение

Објавените документи кои наводно потекнуваат од палестинскиот преговарачки тим, го отсликуваат зголемениот очај на автономните власти поради изостанувањето на резултат од преговорите со Израел. Израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман за израелското радио го оцени објавувањето на документите како доказ дека не е можен договор за мир со Палестинците: „Мислам дека документите се доказ за тоа дека ако и на владата на Олмерт и Ципи Ливни не им успева да дојдат до согласност со Палестинците, тогаш тоа значи дека на крајот сите ќе дојдат до заклучок оти единствен пат е долгорочно меѓурешение.“

Avigdor Lieberman
Авигдор ЛиберманФотографија: AP

Автор: Клеменс Ференкоте/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска