1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За што всушност се залагаше Арбен Џафери?

Свето Тоевски16 август 2012

Денеска во Тетово беше погребан првиот претседател на ДПА, Арбен Џафери. Веќе започна процесот на оценување и вреднување на неговиот политички ангажман во Македонија.

https://p.dw.com/p/15qRb
Фотографија: Petr Stojanovski

„Наспроти перцепцијата во јавноста дека Арбен Џафери беше насочен само кон албанската национална кауза, тој, сепак, се ангажираше преку примената на консензуалната демократија и споделувањето на власта меѓу Македонците и Албанците и за изградба на Македонија како мултиетничка држава, во која сите етникуми ќе живеат во рамноправност“, ова е дел од првичните реакции на повеќе реномирани политички експерти и аналитичари, како и поранешни актери во политичкиот живот во земјата, дадени за Дојче веле, по веста за вчерашната смрт на Арбен Џафери, почесниот претседател на Демократската партија на Албанците и претседател на нејзиното Централно собрание. По 12 години раководење со ДПА, Џафери се повлече во 2007 – мата од лидерската позиција, препуштајќи му го кормилото на партијата на Мендух Тачи, поради здравствени причини.

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник на Партијата за демократски просперитет Насер Зибери истакнува:

„Политичар од калибар каков што беше Џафери, даде нов импулс во политичкиот живот на Македонија и тој внесе нов начин на размислување во доменот на политиката, нов начин на разрешување на конфликтните ситуации и проблемите, со кои се соочува земјата. Тој во својот политички ангажман имаше и падови и слабости, но, во целина, неговото филозофско размислување и политичко дејствување остави белег во изминатите 15 години во Македонија“.

„Визионер и политичар со нови идеи“

Мирјана Малеска, професорка по политички науки во Штуловиот универзитет во Тетово, се потсетува на неколкуте свои средби, како политички истражувач, со Џафери:

Mazedonien Tetovo Multiethnische Gemeinschaft
Мирјана МалескаФотографија: DW

„Споделувавме заедничко видување за тоа како треба да се уреди Македонија, за да бидат подобри меѓуетничките односи. Тој сметаше дека еден модел на консензуална демократија, односно, споделување на власта меѓу Македонците и Албанците, е добро решение за Македонија. Се случи конфликтот и таков модел е воспоставен и горе – долу во изминатите десетина тој ја стабилизира државата“.

Означувајќи го сега починатиот почесен претседател на ДПА како „визионер и политичар со нови идеи“, политичкиот аналитичар од Гостивар Алберт Муслиу го изнесува и ова мислење:

„Во секој случај, тој имаше голем удел во креирањето на албанската политичка мисла и на политичката цел на албанската етничка заедница во Македонија“.

„Голем етнички лидер – а помалку голем демократ“

Професорката од Катедрата за мировни и одбранбени студии на Филозофскиот факултет на Државниот факултет во Скопје и политички аналитичар Билјана Ванковска истакнува:

„Јас би била по малку скептична или резервирана кон изјави, кои се слушаат деновиве околу тоа која е големината и значењето на Арбен Џафери, затоа што се прелеваат перцепциите за тоа дека навистина беше ретко интелигентен човек и ретко образуван – особено во политичката елита тој се истакнуваше со тоа – од она што беше негов реален придонес за демократизација на Република Македонија, или градење мултикултурно, мултиетничко општество. Моите перцепции се дека тој човек можеше да стори многу повеќе, особено во градење на заедништвото. Во 2001 – вата година донекаде Џафери и ДПА се држеа умерено во врска со воениот конфликт, но, ниту во еден момент не ја заборавија својата етничка предиспозиција. Значи, во секој случај, Џафери беше голем етнички лидер, а помалку голем демократ“.

Насер Зибери смета поинаку:

„Тој не доаѓаше во конфликт со идејата за градење една мултиетничка држава, но, секако, беше понастојчив на планот на создавање рамноправност меѓу граѓаните. Џафери беше еден од креаторите и гарантите на Рамковниот договор, кој е еден од столбовите на перспектива за мултиетничка и евроатлантска Македонија. Неговото внесување со сиот свој политички багаж и капацитет покажува дека тој беше во рамки на она што претставува една Македонија, во која сите ќе се чувствуваат рамноправни, а, се разбира во постојните граници“.

Мирјана Малеска ја искажува и следнава дилема во врска со подоцнежната политичка кариера на Џафери:

„Дејствуваше во една средина, која влече надолу, која знае да биде радикална особено кога ќе дојдат изборите. Така што, на крајот, малку се радикализира партијата, можеби и тој, или тој под влијание на средината“.

Nazmi Maliki Politikwissenschaftler aus Mazedonien
Назми МалиќиФотографија: Sveto Toevski

Назми Малиќи, професор по политички науки во ФОН универзитетот во Скопје заклучува:

„Се разбира, националната компонента за албанската кауза претставуваше за него како една визија. На почетокот сите по малку и не го разбираа, но, во годините кои следеа македонските политичари стапуваа во дијалог со политичките теории и погледи на Арбен Џафери, почнуваа да стануваат поблиски со тоа што претставува политичко дејствување со одредени разлики. Со својот ангажман тој внесе нова динамика во политичката конкуренција во земјата. Политичките траги, кои останаа по дејствувањето на Џафери, сигурно беа за доброто на луѓето, за доброто на граѓаните на Македонија“.

По повод смртта на Арбен Џафери се огласи и неговиот политички опонент, лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, кој во писмото со сочувства упатени до семејството Џафери и до ДПА оцени дека неговата смрт претставува „загуба за политиката и албанското политичко размислување не само во Македонија, туку и пошироко“.