1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"За што ги троши парите Брисел?"

23 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AeSC
Ова е насловот на една брошура што често се појавува и граѓаните на Европската унија можат да ја најдат во сервисот за публикации на Комисијата на Унијата. Кусиот одговор на тоа прашање гласи: за вашите крави и за вашите структурно слаби подрачја, на пример во Шпанија, Грција или во Источна Германија. 45 милјарди евра, односно половината од вкупниот буџет на Европската унија од 100 милијарди, во оваа година ќе отидат за субвенции за земјоделството. Други 34 милијарди ќе бидат поделени за помогање на инвестициите, инфраструктурата и индустријализацијата на послабите региони. 6 милијарди евра чини управата на Европската унија. Овие функции надпросечно ќе се зголемат со проширувањето за десет држави во оваа година. Во ова подрачје на пример, ќе бидат вработени нови 2 илјади и 400 службеници. Само 3,4 милијарди се предвидуваат за приближувањето на новите кандидати за членки Романија, Бугарија и Турција. Расширената предрасуда дека Европската унија е скапа и ги троши парите од даноците претседателот на Европската комисија Романо Проди ја побива при секоја можност. За оваа тема еврокомесарката задолжена за буџетот Михаеле Шрајер вели:

"Во последните години имавме таков развој што европските буџети од година на година стануваа се помали. Европа со постојано помалку пари, правеше се повеќе. Ако сегашниот буџет го споредиме со оној од пред десет години, тогаш буџетот изнесуваше 1,2 насто од економските резултати, а сега околу еден насто". Според тоа буџетот на Европската унија е јасно под усогласената граница на државите членки од 1,24 насто. Меѓутоа, според зборовите на Шрајер, овие рамки по 2006 далеку ќе бидат исцрпени за проширувањето, но и за зголемените трошоци за наука, образование и иновации:

"Проширувањето во 1995 година со Австрија, Финска и Шведска водеше кон тоа буџетот во период од две години да порасне за 30 насто. Сега некои држави членки предлагаат и покрај тоа што ќе имаме многу поголемо проширување, буџетот да се редуцира. Мислам, а тоа може да се покаже, дека тоа не е остварливо".

Ако издатоците бидат ограничени на еден процент од брутонационалните приходи, како што бараат шест нето плаќачи, тогаш ќе мораат да се менуват и задачите, вели еврокомесарката Шрајер. На пример, трошоците ќе пораснат поради новите задачи околу безбедносната и одбранебената политика. Ако се сака да се штеди ќе мора да има откажувања, смета таа.

Во субвенционирањето на земјоделството што за Франција е свето, уште во минатата година со многу тешкотии беше постигната согласност за ограничување на издатоците. Одговорниот евро-комесар Мишел Барние тргнува од тоа дека новите десет членки ќе добиваат околу половината од сегашниот модел за поддршка или околу 17 милијарди евра. Источна Германија во таков случај во голем дел ќе отпадне од оваа програма за поддршка, зашто нејзиното население има примања преку границата за помош од 75 насто во целата Унија. Во моментов жестоко се дебатира околу приходната страна на буџетот. Шест од десетте нето плаќачи веќе писмено му се обратија на претседателот на Комисијата Романо Проди со барања за штедење.

Германскиот министер за финансии Ханс Ајхел бара од комисијата невообичаено остра потрошувачка дисциплина: "Според мене, ако комисијата сака да го помага европскиот развој, тогаш не е нејзина работа да прави предлози што ќе водат кон конфронтација, туку таа треба да се залага за предлози што ќе водат кон заедништво". Учеството на Германија во буџетот на Унијата од една третина во 1995 година сега е намалено на околу една четвртина. Сепак, германскиот министер за финансии апсолутно гледано, и натаму е најголемиот плаќач при поделбата на европските пари. Износот е околу 5 милијради евра во касата, додека од друга страна враќањето назад е помало.