1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збогување од целта- 1 милион електро автомобили

Андреас Бекер/ Симе Недевски27 мај 2013

Еден милион електрични автомобили на германските патишта за седум години, така гласи планот на германската влада. Пред самитот за електро-мобилност во Берлин (27.-28.5.) јасно е дека таа цел нема да да биде постигната.

https://p.dw.com/p/18eRf
Фотографија: Robert Lehmann

Од околу 43 милиони автомобили на германските патишта само 7.000 се на електричен погон. Штефан Брацел, директор на институтот за истражување Центар за автомобилски менаџмент вели: „Поголемиот број возила на електричен погон се наоѓаат во возните паркови на фирми или во каршеринг, само мал број се наоѓа кај приватни лица.“

Улрих Ајхорн раководи со Здружението на автомобилска индустрија: „Продажбата на приватни лица е мала затоа што не постои широка и убедлива понуда, но тоа драматично ќе се промени во наредните години. До крајот на 2014. германските произведувачи ќе понудат 16 нови модели, а згора на тоа ќе има и дополнителна понуда на електрични автомобили од странско производство“, вели Ајхорн.

Батериите се се' уште најголем проблем

Електричните автомобили во моментов можат да поминат релативно кратко растојание со една полна батерија и таа често мора да се полни со електрична енергија, што трае значително подолго отколку полнењето бензин. Батериите се се' уште најголем проблем: тешки се и скапи. Освен тоа, еден електричен модел чини околу 50 проценти повеќе отколку модел од слична класа со мотор на внатрешно согорување: „Малку кој е подготвен да плати така висока цена. Таа разлика мора да ја снема во наредните неколку години“, вели Ајхорн.


Во Германија до 2015. околу 700 милиони евра од даночните приходи ќе бидат потрошени за промоција на електричните возила. Другите земји во Европа, како што е Франција и скандинавските земји, се обидуваат да ја зголемат продажбата на електрични автомобили со куповна премија. „Тоа е многу распространето, меѓутоа, тој метод не се покажа успешен“, вели Брацел.

BMW erweitert Leipziger Werk für E-Autos
Фотографија: picture alliance/dpa

Првиот човек на германското Здружение на автомобилската индустрија Улрих Ајхорн, пак, уверува дека малата распространетост на електричните автомобили во моментов не значи дека оваа технологија нема иднина: „ Ако некој на почетокот на 80-те години од минатиот погледнеше колку има мобилни телефони, никогаш немаше да може да претпостави дека денес секој има мобилен телефон“.

Германија зад Јапонија

Во сите поголеми земји во светот процентот на нови регистрации на електричните автомобили и натаму е во промили. Јапонија е на самиот врв, со најмалку 24.000 електрични автомобили на улиците минатата година, во споредба со околу 7.000 во Германија. Јапонија исто така има најголема електрична мобилност на ниво на технологија, а потоа следи Јужна Кореја.
Целта - милион електрични возила во Германија до 2020 година најверојатно нема да биде постигната. Под претпоставка да не се променат условите до тој рок на улиците се очекуваат само 600.000 електрични автомобили. Истовремено Улрих Ајхорн се брани од обвинувањата дека Германија како моќен производител на автомобили каска зад Јапонија: „Целата тема електрична мобилност е трка на долги патеки. Не е важно кој води во првиот свиок, туку кој е прв на крајот на трката.“