1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збогум, Авганистан!

ЖА/дв/дпа/ртре20 ноември 2012

До Божик сите француски борбени единици треба да се повлечат од Хиндукуш, најави претседателот Франсоа Оланд. Тој уште еднаш го забрза повлекувањето, воената мисија официјално е завршена.

https://p.dw.com/p/16m5t
Фотографија: Reuters

Францускиот контингент ја напушта денеска Каписа, последната провинција во Авганистан, каде учестуваше во воена мисија и каде загуби најмногу војници. Заминувањето од Каписа е во рамките на забрзаното повлекување на француските сили од земјата.

Последните 400 француски војници, кои беа распоредени во оваа нестабилна провинција, североисточно од Кабул, отпатуваа рано изутринава од базата Ниџраб кон главниот град на куса проштална церемонија. Францускиот претседател Франсоа Оланд првобитно планираниот термин за повлекување кој го утврди неговиот претходник, Никола Саркози, го скрати за една година, до крајот на 2012.

Од сега преостанатите 2.200 француски војници во Авганистан, 700 ќе се вратат во Франција до крајот на годината, а останатите 1.500 ќе бидат распоредени во Кабул. Две третини од нив ќе го подготвуваат повлекувањето на францускиот имот од Авганистан, околу 600 воени автомобили и 600 контејнери со друга опрема. Потоа тие ќе се вратат во Франција до крајот на летото 2013 година, кога француското присуство во Авганистан ќе се сведе на околу 500 војници, кои ќе учествуваат во програми за обука и соработка.