1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зголемена радијација во британска нуклеарка

Александар Методијев/ројтерс/миа31 јануари 2014

Британската нуклеарна централа „Селафилд“ од утрово е делумно затворена, откако во еден нејзин дел беше регистрирано зголемување на нивото на радијација. Радијацијата ја предизвикал гасот радон.

https://p.dw.com/p/1B0Tj
Фотографија: AP

Британската централа за преработка на обработено нуклеарно гориво „Селафилд“ му нареди на персоналот, кој не е суштински потребен, да остане дома, поради истрагата за зголемена радијација.

Во текот на денот беше заклучено дека радијацијата е предизвикана од природниот гас радон. Истрагата во компанијата покажала дека не била направена грешка во извршувањето на операциите. Радонот е радиоактивен гас кој природно се појавува од карпи или почва.

„Приоритет број еден за нас е, како и секогаш, е безбедното управување со природните ресурси во ’Селафилд’, што е најкомплексната и најпредизвикувачката нуклеарна постројка во Европа“, објави раководството на „Селафилд“.

Flash-Galerie Geschichte der Castortransporte
Фотографија: picture alliance / WILDLIFE

Од централата уверуваат дека нема никаков ризик за населението во поблиската и подалечната околина на централата, како и за нејзините вработени. „Селафилд“ се наоѓа на 480 километри од Лондон, во севернозападна Англија, во областа Камбрија.

„Стандардните викенд-операции ќе продолжат, а персоналот во нормален број ќе се врати на работа в понеделник“, соопштуваат од централата.

Во „Селафилд“ во октомври 1957 година се случи најкатастрофалната нуклеарна несреќа во Велика Британија. Во оваа централа некогаш се произведуваше плутониум за нуклеарни бомби. Пожарот што тогаш ја зафати централата траеше пет дена и предизвика радијација во атмосферата.