1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зголемени камати

11 август 2004

Американската централна банка вчера, како што се очекуваше, ги зголеми есконтните камати за четвртина процент, но и во иднина ќе остане на тој курс на “потребното темпо“ на контрола на паричната политика.

https://p.dw.com/p/AeQU
Човекот што „гледа„ се:Алан Гринспен
Човекот што „гледа„ се:Алан ГринспенФотографија: AP

Со својот оптимизам за конјунктурата во САД централната банка ги зголеми очекувањата на Вол стрит дека каматите ќе бидат зголемени за 25 базични поени при решавањето на 25 септември.

Централната банка соопшти дека и по овој чекор сегашната парична политика останува експанзивна. Таа се стреми кон неутрално ниво на каматите што значи дека ниту го запира, ниту го поддржува растежот. Берзанскиот акционер Михаел Фогелцанг од Бостон Адвајзерс констатира дека централната банка на ваков начин останува внимателна и предвидувачка, значи внимателно го следи пазарот и не сака да предизвика никакви шокантни бранови. Курсот на акциите на Вол стрит по решението на централната банка само кусо време падна, за потоа релативно бргу да се дигне, а доларот сосема малку поскапе. Чуварите на валутата со поглед кон изгледите на американското стопанство и натаму се оптимисти. Во изминатите месеци порастот на производството малку запре, а се забави и темпото на заздравување на пазарот за работа. Причина за овие слабости најверојатно е големиот пораст на цените на енергијата, се вели во нивното соопштение. Шефот на Централната банка Алан Гринспен веќе во претходните месеци предупреди на можно конјунктурно слабеење поради високите цени на нафтата, но тоа го оцени како минливо. “Се чини дека сепак стопанството повторно ќе добие силно експанзивно темпо“, соопшти централната банка. Како актуелното ниво на каматите, така и робустниот пораст на производството, според централната банка и натаму ќе даваат импулси на пораст. “Инфлацијата во оваа година е нешто повисока, но дел од порастот на цените се чини е резултат на минливи фактори. Ризиците за економскиот растеж и инфлацијата во наредните квартали се изедначени. На Вол стрит порасна оптимизмот со оглед на очекувањата Централната банка уште еднаш да ги зголеми каматите за 25 базични поени на седницата на 25 септември, последно решение пред претседателските избори во почетокот на ноември. 14 од 19 анкетирани берзански акционери го очекуваат тој чекор, само четворица сметаат дека каматите ќе останат непроменети. Решенијата на централната банка во годината на претседателски избори можат да влијаат врз трката за влез во Белата куќа. За време на кампањата движењата на конјунктурата се на прво место. Претседателот Џорџ Буш во намалувањето на даноците гледа импулс за економскиот растеж. Неговиот демократски предизвикувач Џон Кери напротив го обвинува дека со таквата политика ниту стимулира нови работни места, ниту го намалува рекордниот буџетски дефицит.